„Не можете, ако изготвите обвинителен акт користејќи вештачка интелигенција, а таа ве насочи погрешно, да отидете кај судијата и да му речете: ‘Судија, извинете, меѓутоа вештачката интелигенција ме насочи погрешно’. Одговорноста останува лична, ваша и затоа секогаш треба да ги проверувате податоците што сте ги прибавиле врз основа на употребата на таа вештачка интелигенција“, порача јавната обвинителка на ОЈО ГОКК, Ана Гоговска-Јакимовска, на денешната дебата на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ
Вештачката интелигенција (ВИ) има потенцијал значително да ги забрза судските и обвинителските постапки, особено при анализа на огромен обем податоци, но не смее да се користи без строг човечки надзор, критичка проверка и јасна лична одговорност на правниците.

Ова е главната порака од дебатата насловена „Вештачката интелигенција во правосудството: можности и предизвици?“, што денеска се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
„Секогаш проверувајте ги податоците, одговорноста е лична“
Јавната обвинителка од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ана Гоговска-Јакимовска, оцени дека системите базирани на ВИ би заштедиле драгоцено време при обработка на илјадници банкарски трансакции, сметки, комуникации и електронски уреди во услови на кратки законски рокови. Таа појасни дека во Обвинителството сè уште не се користи ваква вештачка интелигенција, туку стандардни софтвери за анализа и поврзување докази, но изрази надеж дека наскоро ќе бидат воведени посовремени алатки.
Сепак, Гоговска Јакимовска предупреди на ризиците од слепо потпирање на технологијата и потсетува дека веќе постојат примери на казнети адвокати кои во постапки се повикале на измислена или погрешна судска пракса.
„Не можете, ако изготвите обвинителен акт користејќи вештачка интелигенција, а таа ве насочи погрешно, да отидете кај судијата и да му речете: ‘Судија, извинете, меѓутоа вештачката интелигенција ме насочи погрешно’. Одговорноста останува лична, ваша и затоа секогаш треба да ги проверувате податоците што сте ги прибавиле врз основа на употребата на таа вештачка интелигенција“,
порача Гоговска-Јакимовска, пренесе МИА.
Таа додаде дека ВИ никогаш нема да може да ја замени улогата на судијата или обвинителот поради неопходниот човечки контакт, емпатијата и комуникацијата со странките. Дополнително, укажа на сè почестите злоупотреби со „дипфејк“ (deepfake) фотографии, видеа и гласовни пораки за изнуда на пари, при што клучна улога за докажување на автентичноста и законитоста на доказите во кривичната постапка има дигиталната форензика.
Европскиот наспроти американскиот пристап и заштитата на правата
Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, истакна дека темпото со кое се развива вештачката интелигенција ги надминува предвидувањата од пред само неколку години, што природно отвора дилеми за нејзиното регулирање. Тој се осврна на суштинската разлика меѓу европскиот и американскиот пристап на регулација, кој според него лежи токму во инсистирањето на Европа, а особено на Франција, на јасни правила и законска рамка.

„Овие вредности мора да останат во сржта на нашето дејствување. Развојот на вештачката интелигенција не значи дека треба да се откажеме од принципите на транспарентност и одговорност ниту од начелото на човечки надзор врз овие процеси“,
нагласи Ле Риголер додавајќи дека заштитата на човековите права мора да остане пред технолошките и финансиските интереси.
Професионални санкции за измислена судска пракса и улогата на факултетите
Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Тања Каракамишева, предупреди дека некритичкото преземање информации од ВИ-алатки веќе носи сериозни санкции во пракса. Како илустрација ја посочи одлуката на Европскиот суд за човекови права од 13 ноември, со која на адвокатка од Албанија ѝ било забрането во иднина да застапува жалители пред Судот поради користење непостоечка судска пракса и несоодветни извори.
Според Каракамишева, универзитетите имаат клучна задача да ги научат идните правници на самостојно правно резонирање, а вештачката интелигенција да ја третираат исклучиво како помошна алатка, а не како краен авторитет. Таа информираше дека на факултетот, со поддршка од Министерството за образование и наука, во завршна фаза е изработката на интердисциплинарна публикација на англиски јазик за човековите права и владеењето на правото во сферата на ВИ, како и анализа за усогласување на домашното законодавство со европската регулатива, паралелно со подготовката на Националната стратегија за вештачка интелигенција.

Дебатата беше организирана од Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, француската Национална школа за судии и јавни обвинители (ENM) и „Експертиз Франс“, како дел од пошироката поддршка за реформите и дигитализацијата во македонското правосудство.
