Партијата прашува зошто во случајот се опфатени само полициски службеници, а не и командирите, началниците и раководителите, оценувајќи дека обичните полицајци не можеле да држат пријави и извештаи во фиока. Според СДСМ, во постапката на Обвинителството треба да биде опфатен и ресорниот министер Панче Тошковски
Одговорноста за случајот со убиената Росица не може да се префрли исклучиво на полициски службеници – реагираат од СДСМ откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес, кои во период од седум месеци не постапиле соодветно по пријавите за семејно насилство на Росица Коцева, која беше убиена од својот поранешен партнер.

Партијата прашува зошто во случајот се опфатени само полициски службеници, а не и командирите, началниците и раководителите, оценувајќи дека обичните полицајци не можеле да држат пријави и извештаи во фиока.
Според СДСМ, во постапката на Обвинителството треба да биде опфатен и ресорниот министер Панче Тошковски.
„Обвинителството треба и Панче Тошковски да го опфати. Во јавноста беа изнесени наводи дека Росица му испратила порака со барање за помош на неговиот телефон. Зошто тоа не е направено? Да се провери, да се обезбеди комуникацијата. Зошто Тошковски не ги реазреши раководителите, командирот или началникот? Или тие што се ВМРО не смеат да се чепакаат? Обвинителството мора да ја испита целата линија на одговорност, од службениците што постапувале по пријавите, локалното раководство па сè до министерот“,
изјави Кети Штерјова од СДСМ.
Опозиционерите побараа и оставка од Тошковски по сите фемициди и насилство врз жени во изминатиот период.
„Има бројни примери – Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, Сара од Охрид. Излегоа информации и сведоштва за наводна полициска бруталност и врз 15 годишно момче од Охрид. Уште колку жртви треба да има за Тошковски да си поднесе оставка! Доста беше“,
велат од СДСМ.
