Во описот на обвинението се вели дека полициските службеници во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година не постапувале соодветно по пријавите за семејно насилство, кои ги поднесувала Росица Коцева пред да биде убиена од својот поранешен партнер
Дел од обвинетите, пак, при постапувањето по пријавите на Коцева, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат понатамошни насоки, иако тоа било нивна законска обврска, а доказите ги чувале во просториите на Одделението за внатрешни работи – Криминалистичка полиција во Велес без да поведат никаква постапка
Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) денеска поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес за сторени две кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување и неизвршување судска одлука.

Истрагата ја водел јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Во описот на обвинението се вели дека полициските службеници во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година не постапувале соодветно по пријавите за семејно насилство, кои ги поднесувала Росица Коцева пред да биде убиена од својот поранешен партнер.
Со пропуштањето на службените должности, како што велат од ОЈО ГОКК, потешко ги повредиле нејзините права, вклучително и уставно загарантираното право на живот, како и правата заштитени со Европската конвенција за човекови права.
Од Обвинителството посочуваат дека обвинетите не постапувале согласно Законот за спречување и заштита од насилството врз жените и семејно насилство, како и соодветните правилници што го уредуваат полициското постапување и процената на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвите.
И покрај тоа што биле изречени судски мерки за заштита од семејно насилство, полициските службеници не постапувале по итните мерки за заштита.
Дополнително, како што се вели во соопштението од ОЈО ГОКК, дел од обвинетите, при постапувањето по пријавите на Коцева, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат понатамошни насоки, иако тоа било нивна законска обврска.
„Доказите ги чувале во просториите на Одделението за внатрешни работи – Криминалистичка полиција во Велес без да поведат никаква постапка“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Министерството за внатрешни работи (МВР) уште во септември 2025 година утврдило пропусти во постапувањето на полицијата по пријавите на Росица Коцева и предложило дисциплинска постапка за 11 вработени во СВР Велес.
Велешанката Росица Коцева и нејзиниот татко беа убиени лани на 15 септември во семејната куќа во Велес од страна на поранешниот партнер на девојката, кој потоа се самоуби.
Пред настанот, таа повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.
