Поддршката ја најавија Албанската коалиција, Сојузот на војводинските Унгарци и Партијата на правдата и помирувањето, кои имаат вкупно пет пратеника во новиот парламентарен состав
Три малцински партии во српскиот парламент најавија дека ќе го поддржат Александар Чупиќ – кандидатот на Студентската листа за претседател на Народното собрание. Поддршката ја најавија Албанската коалиција, Сојузот на војводинските Унгарци и Партијата на правдата и помирувањето, кои имаат вкупно пет пратеника во новиот парламентарен состав.

Пратеникот од Албанската коалиција, Шаип Камбери, изјави дека нивната малцинска листа, која освои две пратенички места, ќе го поддржи кандидатот на Студентската листа. Посочи дека се отворени за дијалог, соработка и партнерство со новите власти, но дека нема да се откажат од своите барања, меѓу кои и за статусот на Албанците во Прешевската Долина, кои, според нив, се суштински, а и натаму остануваат нерешени.
„Ќе поддржиме секаква иницијатива и подготвени сме за партнерство за решавање на овие прашања, но нема да се откажеме од нашите принципи и барања“,
изјави пратеникот Шаип Камбери од Албанската коалиција,
Поддршка за кандидатот на Студентската листа најави и пратеникот Усаме Зукорлиќ од бошњачката Партија за правда и помирување, наведувајќи дека тоа ја одразува волјата на мнозинството граѓани на Србија. Сепак, како што рече, тоа не значи дека Студентската листа ќе добие безусловна поддршка од неговата малцинска партија, која освои едно пратеничко место во новиот парламентарен состав.
И Сојузот на војводинските Унгарци, партија која беше долгогодишен коалициски партнер на СНС, најави дека ќе го поддржи Александар Чупиќ за претседател на парламентот. Пратеникот Балинт Пастор изјави дека оваа партија во текот на изминатите две децении гласала за оној кандидат за претседател на Народното собрание кој уживал поддршка од мнозинството. Со ова, вели тој, е гест на добра волја и подадена рака и нема никаква врска со прашањето дали Сојузот на војводинските Унгарци ќе биде дел од владејачкото мнозинство.
Конститутивната седница на српскиот парламент започна вчера, а денеска се очекува да биде избран претседателот на Народното собрание. Дневниот ред содржи шест точки – потврда на мандатите на пратениците, избор на претседател и потпретседател на парламентот, назначување на генерален секретар, избор на членови на собраниските работни тела и постојани парламентарни делегации во меѓународни институции.
