Ваквата одлука Кривичниот суд ја темели на фактот што обвинетиот ја призна вината, има издржано околу половина од осуммесечната затворска казна и поради тоа што опасноста од бегство е намалена до тој степен што не е неопходно обезбедување на неговото присуство со мерка притвор. Оттука, Судот оценува дека обвинетиот може да го дочека правосилното завршување на постапката на слобода
Основниот кривичен суд Скопје му го укина притворот на Игор Дашковски-Стојановски, човекот кој во јуни годинава запали две дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје.

Ваквата одлука Судот ја темели на фактот што обвинетиот ја призна вината, во притвор има издржано околу половина од изречената осуммесечна затворска казна и поради тоа што опасноста од бегство е намалена до тој степен што не е неопходно обезбедување на неговото присуство со мерка притвор.
„Обвинетиот има издржано околу половина од изречената казна затвор од осум месеци, поради што речиси и не постои опасност од бегство со цел да го избегне издржување на преостанатиот дел од казната. Судот имаше предвид дека обвинетиот даде признание на вина, што укажува дека ја прифати одговорноста, а тоа не дава основа за заклучок дека обвинетиот би се дал во бегство за да го избегне правосилното завршување на постапката. Оттука, Судот оцени дека обвинетиот може да го дочека нејзиното правосилно завршување на слобода“,
се наведува во одлуката на Основниот кривичен суд Скопје.
Како дополнителни причини за укинување на притворот од Судот ги наведуваат личните околности на обвинетиот – дека има малолетно дете, има постојано и познато место на живеење на територија на државата, покажал коректно однесување пред Судот и не ја оспорувал фактичката состојба.
„За разлика од првичното определување на притворот, во оваа фаза не беа понудени дополнителни докази или конкретни околности што ја поткрепуваат потребата од продолжување на мерката притвор, иако согласно стандардите на Европскиот суд за човекови права, со одминувањето на времето се бара поубедливо и поиндивидуализирано образложение за продолжувањето на мерката притвор“,
додаваат од Судот.
Согласно новоопределените мерки што му се одредени, обвинетиот ќе мора еднаш неделно, секоја среда, во периодот од 9:30 до 12:00 часот да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје. Мерката ќе трае најдолго до правосилното завршување на кривичната постапка.
На крајот на октомври годинава обвинетиот за палењето на дипломатските возила призна вина и рече дека сам одлучил да го стори кривичното дело. Настанот се случи кон средината на јуни годинава.
