Во партиското соопштение се вели дека зад секоја жртва на фемицид и семејно насилство во земјава стојат нерасчистени пријави и институционално непостапување, посочувајќи го министерот Тошковски како најодговорен за потфрлањето во превенцијата

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска побара проширување на истрагата за неодамнешниот случај со насилство врз девојка во Охрид и оставка од министерот за внатрешни работи (МВР), Панче Тошковски.
Од партијата обвинуваат дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тошковски меѓусебно се штитат, додека, како што велат, цената ја плаќаат граѓаните.
Во партиското соопштение се вели дека зад секоја жртва на фемицид и семејно насилство во земјава стојат нерасчистени пријави и институционално непостапување, посочувајќи го министерот Тошковски како најодговорен за потфрлањето во превенцијата.
„Уште колку жртви се потребни за Тошковски да понесе одговорност? Тошковски има најголема политичка одговорност за потфрлање на превенцијата, за непостапувањата на МВР и заштита на криминалците. Одамна требаше да си поднесе оставка“,
наведуваат од СДСМ.
Последниот случај на насилство врз девојката Сара од Охрид, од СДСМ велат дека ја потврдил нефункционалноста на институциите. Од СДСМ тврдат дека осомничениот насилник првично бил пуштен на слобода само поради тоа што е син на локални функционери на ВМРО-ДПМНЕ блиски до премиерот Мицкоски. Оттаму велат дека пресвртот во постапката се случил дури по реакција на јавноста, граѓанскиот сектор и опозицијата.
СДСМ бара истрагата да се прошири и кон сите оние за кои постојат индиции дека се обиделе да го прикријат делото или да влијаат врз постапката.
„Насилникот од Охрид не е сам – има родители кои сугерирале да се ослободи од телото и да го забошотат случајот. Има обвинител кој не постапил. Бараме најстроги казни за насилникот и за сите соучесници кои му помагале да го прикрие делото, доказите, извештаите или ја попречувале правдата“,
се вели во соопштението од партијата.
Од СДСМ порачуваат дека граѓаните немаат доверба во правосудниот систем. Партијата бара целосно расчистување и санкции за сите пропусти во МВР, Обвинителството и судот, одговорност од сите тие што се јавувале по обвинители, судии, локални моќници од ВМРО-ДПМНЕ.
На барање на Обвинителството, Основниот суд во Охрид вчера му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот охриѓанец К.К. против кого е поднесено обвинение за нападот врз својата 26-годишната партнерка.
Од Обвинителството поднесоа обвинение за три кривични дела против 31-годишникот – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според наводите на Обвинителството, тој противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на својата партнерка.
Синоќа, пред полициската станива во Охрид се одржа протест организиран од Форумот на жени на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), и покрај барањата на семејството на девојката случајот да не се политизира.
Од Форумот порачаа дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат. Оттаму повикаа и на одговорност и институционална реакција.
