Во врска со случајот, партијата бара одговори од министерот Панче Тошковски – зошто внатрешната контрола четири месеци не постапила соодветно и не доставила одговор до мајката на малолетникот, зошто полицајците против кои е поднесена пријава сè уште извршуваат службени должности, како и дали е отворена дисциплинска постапка и дали се проверени наводите за тепањето и заканите кон малолетникот
Опозициската Левица обвини дека полициски службеници пред четири месеци брутално претепале 15-годишник од Охрид. Повикувајќи се на сведоштво на мајката на малолетникот, партијата објави дека полицајците го пресретнале момчето додека се враќало од работа со мотор, го удриле со службеното возило, а потоа го удирале со боксови, клоци и пендреци и го газеле по главата и телото.

Момчето, според наводите, во неколку наврати ја изгубило свеста, а откако дознале дека има само 15 години, му се заканувале да не пријавува, предупредувајќи го дека следниот пат ќе помине уште полошо.
Случајот бил пријавен во Обвинителството во Охрид, каде што малолетникот дал исказ пред јавниот обвинител Стојанчо Арнаудоски. Пријава била доставена и до внатрешната контрола при МВР, но, како што посочила мајката, и покрај нејзините барања за информации, и по четири месеци уште нема добиено одговор за преземените мерки.
„Загрижува фактот што полициските службеници за кои станува збор сè уште се на своите работни места. Особено загрижува и постапувањето на обвинителот Стојанчо Арнаудоски, кој и во последниот случај со претепаната девојка во Охрид, првично одби да побара притвор за тепачот. Ова е дел од низата скандали поврзани со СВР Охрид, особено по случајот во кој полициски службеници претепале малолетно момче во дискотека“,
велат од Левица.
Во врска со случајот со 15-годишникот, партијата бара одговори од министерот Панче Тошковски – зошто внатрешната контрола четири месеци не постапила соодветно и не доставила одговор до мајката на малолетникот, зошто полицајците против кои е поднесена пријава сè уште извршуваат службени должности, како и дали е отворена дисциплинска постапка и дали се проверени наводите за тепањето и заканите кон малолетникот.
„Бараме одговори и од новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, дали воопшто е иницирана кривична постапка за полициските службеници. Јасно е дека сè додека нема кривична одговорност за корумпираните службеници во МВР, насилството ќе ескалира, а безбедноста на граѓаните ќе е директно загрозена токму од оние кои треба да се чувари на безбедноста!“,
додаваат од партијата.
