Собранискиот спикер Африм Гаши на брифинг изјави дека постоеле различни толкувања на Деловникот во однос на тоа дали паузите треба да се пресметуваат во предвидените два часа за опозициски прашања. Согласно поинаквото мислење и интерпретација на Деловникот од страна на опозицијата, мнозинството се согласило да не се смета паузата, но пратениците во иднина да внимаваат и да не си ги го кратат сопственото време
Во Собранието денеска ќе продолжи седницата за опозициски пратенички прашања откако минатиот четврток, седницата со оваа точка на дневен ред беше повеќепати прекинувана, поради што на опозиционерите им истече временскиот рок од два часа за поставување прашања до претставниците на извршната власт.

Собранискиот спикер Африм Гаши во понеделникот на брифинг рече дека постоеле различни толкувања на Деловникот во однос на тоа дали паузите треба да се пресметуваат во предвидените два часа за поставување прашања, поради што, седницата ќе биде продолжена денеска.
„Има две одредби во Деловникот кои укажуваат на тоа да се пресметува пауза во рамките на седница за пратенички прашања. Првата е таа што има одредба од Деловникот, која е одредена кога треба да заврши, тогаш не можеме паузите да ги сметаме, на пример, буџетот се носи пет дена, или ребалансот три дена или интерпелација до 12 часот навечер. Кога има јасна одредба, кога се вели два часа, тогаш тие два часа се предвидени. Во врска со втората, се вели дека пратеничките прашања почнуваат по утврдувањето на дневниот ред. Утврдувањето на дневниот ред беше во 11.30 часот и тие почнуваат да течат од тоа време, два часа. Сега, ако не ги користите за пратенички прашања, нормално паузата ќе ви ги истроши“,
изјави Гаши.
Тој додаде дека согласно поинаквото мислење и интерпретација на Деловникот од страна на опозицијата, мнозинството се согласило да не се смета паузата, но пратениците во иднина да внимаваат и да не си ги го кратат сопственото време предвидено за поставување пратенички прашања.
„Се договоривме така некако џентлменски да внимаваме во иднина. Ако има пауза, ќе гледаме во иднина да не се смета тоа во тие два часа. Но, дотогаш такви беа размислувањата и одредбите во Деловникот“,
рече собранискиот спикер.
Собраниска седница посветена на опозициските пратенички прашања што се одржа минатиот четврток неколкупати беше прекината, поради што беше потрошен дел од времето предвидено за нивно поставување.
