Одговарајќи на новинарски прашања, Јаневска најави дека од следната академска година, односно од 1 октомври, ќе почне да се применува ново софтверско решение за субвенциониран студентски оброк, кое ќе опфати околу 30 000 студенти месечно

Наместо да се фокусираме на подигнување на квалитетот на образованието и на напредок на ПИСА, макар за десетина места погоре, од одредени студентски организации постојано добивам само барања за социјални услуги и тоа ме загрижува, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска по повод 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите.
При посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, каде што изврши увид во завршните активности од реконструкцијата и најави дека објектот наскоро ќе биде отворен за сместување, Јаневска истакна дека Владата двојно ги зголемила вложувањата во студентскиот стандард во споредба со 2022 година.
„Губиме време на она што е решливо и студентите секако ќе го добијат тоа што им следува во процесот на нашата комуникација со репрезентативните студентски собранија. Првпат од оваа година имаме стипендии за студентите со посебни образовни потреби и за студентите со ретки болести, дадовме ваучерски систем и го проширивме опсегот на студентскиот оброк“,
рече министерката.
Одговарајќи на новинарски прашања, Јаневска најави дека од следната академска година, односно од 1 октомври, ќе почне да се применува ново софтверско решение за субвенциониран студентски оброк, кое ќе опфати околу 30 000 студенти месечно.
Таа рече дека новиот модел ќе вклучува угостителски објекти, ресторани и пекари кои ќе нудат услуги по поволни цени и со дополнителен попуст од 20 проценти и тоа не само за субвенционираниот оброк, туку и за производите што студентите ќе ги купуваат од сопствени средства.
Таа додаде дека сѐ уште се чека одговорот од студентите, а веќе следната недела МОН ќе ги повика на нов состанок за да се види конечното решение.
„Веќе следната недела МОН ќе биде проактивно, ќе ги повикаме повторно на состанок, за да видиме што конечно решиле. Начелно го прифатија моделот, ним тој им се допаѓа, но треба сега и официјално тоа да го заокружиме“,
додаде Јаневска.
Министерката појасни дека за дневната субвенција од 140 денари по студент, државата годишно одвојува меѓу 16 и 17 милиони евра, сума што, како што рече, е еднаква на изградба или целосна реконструкција на речиси два студентски дома годишно.
Во однос на пакет-законите заглавени во Собранието, нагласи дека се исклучително важни не само за високото образование, туку и за пазарот на труд, за општеството, за развојот на нашите млади и нивната иднина во оваа земја.
„Оптимист сум и комуницирам со пратенички групи и пратеници. Многу важно е тие да се донесат што е можно побргу, за да може што е можно побргу да ги почнеме реформите“,
порача Јаневска додавајќи дека законите се предадени во Собранието по широка инклузивна расправа и оти очекува да бидат донесени.
