„Оваа тема не засега сите. Сите сме нечии ќерки, сетри, мајки, баби. Семејното насилство не препознава род и затоа сите треба да бидеме заедно, и мажите и жените, во борбата против ова зло на денешницата, со цел да не се повторуваат вакви немили настани“, рече Каја Шукова, претседателката на Форумот на жени на СДСМ, организатор на вечерашниот протест во Охрид
Изрази надеж дека случајот со 26-годишната охриѓанка ќе биде меѓу последните вакви случаи во земјата, повикувајќи ги граѓаните заеднички да се спротивстават на насилството.
„Правдата нема партиско знаме“ и „До кога?“ се дел од пораките испишани на транспаренти што ги носеа учесниците на вечерашниот протест што се одржа пред Полициската станица во Охрид, организиран по случајот со 26-годишна девојка која беше претепана од својот партнер.

Протестот е организиран од Форумот на жени на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), и покрај барањата на семејството на девојката случајот да не се политизира.
Од Форумот порачаа дека насилството, прикривањето и заштитатата на насилниците мора да престанат. Оттаму повикаа и на одговорност и институционална реакција.
На протестот се обрати Каја Шукова, претседателка на Форумот на жени на СДСМ, која порача дека насилството врз жените и фемицидите се сериозен општествен проблем. Според неа, проблемот не завршува со самиот чин на насилство, туку продолжува и во постапките што следуваат во текот на истрагата и судењето, каде, како што додаде, има појава на сериозни системски недостатоци.

„Бараме сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрагата и судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена. На секое јавување на жртва на семејно насилство, институциите веднаш да реагираат“,
рече таа во обраќањето од протестот.
Повика на сериозност и одгворност од сите надлежни институции, вклучително од Министерството за внатрешни работи (МВР), локалните полициски служби, обвинитеслтвто и центрите за социјална работа.
Шукова рече дека борбата против семејното насилство треба да ги обедини сите граѓани, без разлика на политичката, верската или која било друга припадност.
„Оваа тема не засега сите. Сите сме нечии ќерки, сетри, мајки, баби. Семејното насилство не препознава род и затоа сите треба да бидеме заедно, и мажите и жените, во борбата против ова зло на денешницата, со цел да не се повторуваат вакви немили настани“,
кажа таа.
Изрази надеж дека случајот со 26-годишната охриѓанка ќе биде меѓу последните вакви случаи во земјата, повикувајќи ги граѓаните заеднички да се спротивстават на насилството.
„Се надеваме дека случајот со Сара ќе биде еден од последните вакви случаи, кои, за жал, се случуваат сè почесто во Македонија. Секој од нас, без разлика на припадноста, треба да застане и да каже дека е доста. Стоп за насилството“,
рече Шукова.
Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“, која се залага за спречување на насилството врз жените, фемицидот и сите форми на родово базирано насилство, на социјалните мрежи реагираше на партиските упади и притисоци врз организирањето на протестите и изразувањето на граѓанското незадоволство.
Од иницијативата наведуваат дека обидите за партиско присвојување на женското движење и граѓанскиот бунт се недозволиви и претставуваат дел од проблемот.
Посочуваат дека политичките партии и нивните женски ограноци имаат на располагање механизми за системско справување со насилството врз жените и треба да преземат одговорност за долгогодишното непостапување.
„Улиците и протестите ни припаѓаат нам, граѓан(к)ите. Гневот нема да ни го земете“,
порачуваат од „Ниту една повеќе“.
На барање на Обвинителството, Основниот суд во Охрид денеска му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот охриѓанец К.К. против кого е поднесено обвинение за нападот врз својата 26-годишната партнерка.
Обвинението се однесува за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Според наводите на Обвинителството, тој противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на својата партнерка.
