Претседателката рече дека во изминатите 32 години Уставот бил изменет со 36 амандмани, што, според неа, ја отвора дилемата за почитувањето на уставниот патриотизам и причините за честите промени
Осврнувајќи се на европските принципи и вредности, претседателката потсети дека договорите на Европската Унија предвидуваат почитување на еднаквоста, културниот и националниот идентитет, како и уставните и политичките структури на државите членки. Во тој контекст, кажа дека овие принципи треба да се имаат предвид и при разгледувањето на новите барања за уставни измени
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска порача дека Уставот е најважниот општествен договор и правен темел на државата, нагласувајќи дека неговите измени треба да се прават ретко и со особена одговорност.
На отворањето на научната конференција по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија, организирана од Собранието, Институтот за национална историја и Државниот архив, таа рече дека учествувала во работата на Комисијата за уставни прашања како нејзин надворешен член, во периодот кога се подготвувал највисокиот правен акт.

Сиљановска-Давкова истакна дека Уставот од 1991 година е посебен по тоа што започнува со темелните вредности на уставниот поредок, а најголемиот дел од неговите членови се посветени на слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Посочи дека во изминатите 32 години Уставот бил изменет со 36 амандмани, што, според неа, ја отвора дилемата за почитувањето на уставниот патриотизам и причините за честите промени.
„За 32 години, или за три децении, нашиот Устав доживеа дури 36 амандмани, во компаративното уставно право ние сме рекордер во измени на Уставот. Што станува со уставниот патриотизам? Не знам, сами треба да се запрашаме. Меѓутоа, основното прашање е ако Уставот е основен извор на уставноправната наука, ако е лекс супериор, ако е најважниот општествен договор меѓу граѓаните и македонската држава, ако е правен и политички темел на државата, зошто толку често се менува“,
праша претседателката.
Посочи дека 15 од 36-те уставни амандмани биле иницирани однатре, за надминување на уставни пречки, додека во 21 случај во процесот на промени посредувала меѓународната заедница. Според неа, ова е прашање за кое треба сериозно да се размислува.
„Сите устави обично почнуваат со ‘Ние народот‘, ние можеби треба ‘Ние народот и меѓународната заедница‘. Не го кажувам ова цинично, не го кажувам, но мислам дека навистина сериозно треба да размислиме“,
рече таа.
Го повика претседателот на Собранието, Африм Гаши, почесто да ја свикува Комисијата за уставни прашања и во нејзината работа да вклучи надворешни експерти.
Целта, како што рече, треба да биде континуирана анализа на спроведувањето на Уставот и утврдување на проблемите во уставниот поредок, а не Комисијата да се состанува само кога ќе се појави потреба за уставни измени по барање однадвор.
Осврнувајќи се на европските принципи и вредности, претседателката потсети дека договорите на Европската Унија предвидуваат почитување на еднаквоста, културниот и националниот идентитет, како и уставните и политичките структури на државите членки. Во тој контекст, кажа дека овие принципи треба да се имаат предвид и при разгледувањето на новите барања за уставни измени.
„И во нив убаво пишува дека ЕУ ќе ја почитува еднаквоста на државите, ЕУ ќе ги почитува културниот и националниот идентитет на државите, ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури на државите. ЕУ ќе ги стимулира договорите со соседите – членот 8, засновани врз начелото на реципроцитет, дури ЕУ предвидела и член 7, кој вели дека доколку не се почитуваат принципите и вредностите на ЕУ, тогаш една третина од државите, една третина од пратениците или самата Европска комисија пред Европскиот совет може да отвори постапка за лимитирање на одлучувачките права на државата што ги крши принципите и вредностите. Не го говорам ова за да кажам дека кога се наоѓаме пред уште едно барање за уставна измена, треба со рака што трепери добро да размислиме, само го говорам за да потенцирам дека уставната демократија е категорија што е многу важна, дека уставите не се обични документи. Вие пратениците нè претставувате нас, ги претставувате граѓаните и гласате по сопствено уверување. Јас имам голем проблем да барам од вас да го смените Уставот“,
рече таа.
Уставот на Република Македонија беше донесен на 17 ноември 1991 година со 92 гласа „за“ и 22 „против“.
Сиљановска-Давкова потсети дека уште во 1992 година биле усвоени првите два амандмани, по барање однадвор, оценувајќи ги како наметнати промени.
