Според израелските медиуми, потенцијални цели на заговорот биле еден или повеќе израелски бизнисмени
Како што денеска соопштија од АНБ и БЈБ, во земјава се уапсени четири лица. Петтото лице било лишено од слобода во Грција и веќе ѝ е предадено на македонските власти, додека по шестото лице, за кое имаат сознанија дека се наоѓа надвор од државата, активно се трага
Израелската разузнавачка служба Мосад учествувала во спречувањето план за атентат, поврзан со Иран, чија цел била израелски директор во Грција. Операцијата, како што објави „Тајмс оф Израел“, била спроведена во соработка со безбедносните служби на Северна Македонија и Грција.

Според израелските медиуми, потенцијални цели на заговорот биле еден или повеќе израелски бизнисмени.
БЈБ и АНБ разоткриле криминална прокси-мрежа поврзана со Иран
На заедничка прес-конференција директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, посочија дека во истрагата се опфатени вкупно шест македонски државјани на возраст од 29 до 73 години кои се од Скопје и од Куманово, а се лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземале подготвителни логистички активности за извршување терористички акт – атентат врз претходно дефинирано лице лоцирано во Грција.
Извршени биле претреси на четири локации во земјава, при што се уапсени четири лица. Петтото лице било лишено од слобода во Грција и веќе ѝ е предадено на македонските власти, додека по шестото лице, за кое имаат сознанија дека се наоѓа надвор од државата, активно се трага.
Макеоднската Агенција за национална безбедност (АНБ) денеска соопшти дека разоткрила прокси-мрежа во земјава, поврзана со иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех. Според АНБ, станува збор за лице поврзано со други прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, меѓу кои и наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти.
При претресите биле пронајдени и одземени повеќе електронски уреди, меѓу кои мобилни телефони, лаптоп и персонални компјутери, уесбе мемориски уреди, тефтери со контакти, скици со означени локации, како и огнено оружје и муниција кои биле поседувани без соодветна дозвола.
„Катимерини“: Цел на нападот бил израелски директор во грчка компанија
Според грчкиот весник „Катимерини“, цел на планираниот напад бил израелски директор во компанија со седиште во Грција.
Израелскиот „Канал 12“, повикувајќи се на неофицијални извори, објави дека потенцијални цели биле еден или повеќе израелски бизнисмени и дека на неколкумина Израелци однапред им било советувано да преземат безбедносни мерки.
Според истиот извор, ќелијата била регрутирана од Иран преку мрежа на дилери на дрога. Не е познато дали сите нејзини членови се откриени, поради што постои загриженост дека други лица поврзани со мрежата би можеле да се обидат да го реализираат планот.
Заговори за напади во Тајланд и Индија
Израелските медиуми потсетуваат и на неодамнешни случаи во Тајланд и Индија, каде што биле спречени слични заговори за напади за кои се сомнева дека биле организирани од Иран. Во извештаите се наведува дека Техеран се обидува да таргетира израелски државјани ширум светот, а Мосад соработува со партнерските служби за спречување на ваквите планови.
Во изминатите неколку години, европските земји регистрираа низа напади врз еврејски и израелски институции, меѓу кои синагоги и еврејски училишта, за кои европските власти во повеќе случаи го обвинија Иран.
