Станислав Цанов вели дека Михаилова му пишала неколку минути по објавата на првото видео, исплашена за себе и за родителите. Следното утро, таа на Фејсбук напиша дека никој во Бугарија не ја принудувал да прави што било

Бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави ново видео со пораки и делови од разговори со Ива Михаилова и со нејзината мајка Христина. Цанов тврди дека неколку минути откако го објавил првото видео, во кое Михаилова зборува за притисок од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС), таа побарала да го повлече. Според него, му пишала од истиот профил од кој следното утро јавно порача дека во Бугарија добила помош и поддршка.
„Јави ми се веднаш. Крени ми, зашто сите ќе умреме уште вечерва“, гласи една од пораките што ги пренесува Цанов. Во друга, според него, Михаилова му напишала дека се плаши што ќе се случи со неа и со родителите поради тоа што му го кажала. Цанов вели дека пораките подоцна биле избришани, но дека претходно направил видеоснимка од преписката.
Во продолжението Цанов објавува и дел од телефонски разговор со жена која ја претставува како мајката на Ива. Таа бара во интервјуто да не се споменуваат службите. „Тоа ми е единствениот услов“, вели жената и додава дека во спротивно „ќе ме ликвидираат“. Цанов вели дека е подготвен да ги даде на проверка целосните снимки кои, според него, траат повеќе од два часа.
Како што објави „360 степени“ на 14 ноември, во првото видео Цанов емитуваше делови од тајно снимен разговор во кој Михаилова му објаснува зошто мора да го откаже веќе договореното интервју со него. Му раскажува дека од ДАНС ѝ кажале оти прво мора да гостува кај новинарот Мартин Карбовски, кому можеле да му одредат кои прашања да ѝ ги постави. Ако претходно зборува кај друг, според нејзините зборови на снимката, ќе останела без помошта за рехабилитација и за адвокати. Михаилова потоа гостуваше кај Карбовски.
„Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Тука добив помош, грижа и поддршка“, напиша Михаилова на Фејсбук на 15 ноември. Во објавата таа не ги спомена ниту Цанов ниту ДАНС и не се изјасни за автентичноста на разговорите. Побара да ја остават да се лекува во мир.
Истиот ден и ДАНС ги отфрли обвинувањата. Агенцијата соопшти дека нејзини службеници по ниту еден повод не вршеле притисок врз Михаилова и дека потеклото на снимките е непотврдено, а веродостојноста на тврдењата недокажана. Карбовски, од своја страна, негира дека е агент на ДАНС.
Михаилова побегна во Бугарија, а во Основниот суд во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајната несреќа на патот Штип – Кочани во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши. На рочиштето на 9 ноември судот го одби нејзиното барање да учествува преку видеоврска од Бугарија.
