Во тајно снимен разговор од бугарскиот јутјубер Станислав Цанов, Михаилова раскажува дека од ДАНС ѝ кажале оти можат да одредат што ќе ја прашува новинарот Мартин Карбовски. Цанов ја прашува и дали некој од бугарските служби ѝ помогнал да ја премине границата. Таа вели дека сама стигнала во Бугарија

„Рехабилитацијата ми зависи од нив“, му вели Ива Михаилова на Станислав Цанов во еден од тајно снимените разговори што бугарскиот јутјубер ги објави вечерва. Михаилова, на која во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајна несреќа во која загина едно лице, раскажува дека бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ѝ поставила услов. За да ја добие специјализираната рехабилитација што државата се обврзала да ја плати, првото интервју морала да му го даде на Мартин Карбовски, иако веќе договорила снимање со Цанов.
Според Цанов, еден ден пред снимањето Михаилова му потврдила дека ќе дојде. Неколку часа подоцна му се јавила и побарала веднаш да се видат. Кога се сретнале, му кажала дека мора да го откажат интервјуто. Цанов вели дека тогаш го извадил телефонот и почнал да снима.
Михаилова му раскажува дека кога прашала зошто мора прво да гостува кај Карбовски, од службата ѝ кажале дека нему можат да му одредат кои прашања да ѝ ги постави. Ако пред тоа сними интервју со некој друг, ѝ рекле дека снимката ќе биде избришана, а таа ќе остане и без рехабилитацијата и без помошта за адвокати, тврди Михаилова.
Во друг разговор што го водат по телефон, Михаилова му кажува на Цанов дека зад неа се неколку тешки дена и дека ќе му раскаже повеќе кога ќе се видат. Кога тој ја прашува што се случило, таа одговара: „Не можам ништо да зборувам по телефон“. Она низ што поминала го опишува како „тежок психички притисок“.
Цанов ја прашува и како стигнала во Бугарија откако во Македонија ѝ биле одземени двата пасоша. „Помогна ли некој од службите“, ја прашува тој. „Никој од Бугарија. Сосема сама“, одговара Михаилова. Додава дека и порано барала помош од бугарската држава за да замине од Македонија, но дека секогаш добивала одговор дека тоа е невозможно. Конкретно, ги посочува бугарската амбасада во Македонија и амбасадорот Жељаско Радуков како некооперативни.
Како пример за блискоста на Карбовски со власта, Цанов посочува дека Илијана Јотова гостувала кај него само неколку часа пред решавачкиот круг од претседателските избори, а Румен Радев токму кај Карбовски го имал своето единствено онлајн-гостување пред парламентарните избори.
По објавувањето на видеото, копретседателот на „Демократска Бугарија“, Ивајло Мирчев, најави дека ќе бара истрага за постапувањето на ДАНС и проверка дали во случајот биле вмешани политичари од владејачката партија. Божидар Божанов од истата коалиција побара оставка од директорот на агенцијата, Пламен Тончев.
Михаилова во октомври замина во Бугарија иако како мерка на претпазливост ѝ беа одземени и македонскиот и бугарскиот пасош. Пред Основниот суд во Кочани е обвинета за сообраќајната несреќа на експресниот пат Штип – Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од скопско Љуботен. Судот одлучи да ѝ се суди во отсуство, а на рочиштето на 9 ноември го одби нејзиното барање да учествува преку видеоврска од Бугарија.
