Миклош Шестак, поранешен унгарски министер за национален развој, е во притвор под сомнение дека примил мито во вредност од 12,6 милијарди форинти (околу 35 милиони евра). Во рамките на истрагата, на повеќе локации се пронајдени речиси 6,5 милијарди форинти (околу 18 мклиони евра) во готовина, од кои дел биле закопани во шуми. Неговиот адвокат вели дека во случајот има повеќе осомничени и дека истражителите не соопштиле оти парите му припаѓаат на Шестак
Шефот на пратеничката група на Фидес, Јанош Бока, денеска го повика Миклош Шестак, поранешен министер во владата на Виктор Орбан, веднаш да го врати пратеничкиот мандат. Повикот следува откако унгарската служба за враќање и заштита на имотот синоќа објави снимки од акција во која истражителите ископуваат кутии со пари во шума. Претходно, оставка од Шестак побара и Бенце Ретвари, шеф на пратеничката група на Христијанско-демократската народна партија (помалниот коалициски партнер на Фидес), од чии редови е поранешниот министер, објави унгарскиот портал „444“.

„Ги видов фотографиите и снимките со свои очи. Како и многумина од нас, ни јас не можев да поверувам во тоа што го гледам“, рече Бока во видеообраќање. Додаде дека надлежните треба да утврдат што се случило и кој е одговорен, а Шестак има право да се брани во правична постапка. Сепак, според Бока, тоа веќе не може да го прави како пратеник.
Пораката на Бока ја сподели и Виктор Орбан. Само два дена претходно, поранешниот премиер во интервју ги бранеше своите министри, уверувајќи дека истрагите нема да откријат корупција. Порталот „444“ забележува дека во моментот кога Бока побарал оставка од Шестак, на веб-страницата на Фидес поранешниот министер сè уште бил наведен како „политички затвореник“. Во неговата матична партија, пак, денеска е побарано поведување дисциплинска постапка и суспендирање на членството додека таа трае.
Од договори за автобуски превоз до празни сефови
Истрагата се однесува на договори за превоз на патници и за набавка на автобуси за унгарскиот државен превозник „Воланбус“. Обвинителството се сомнева дека од 2015 до 2018 година Шестак и тогашниот директор на државната компанија за управување со имот, преку посредник, примиле повеќе од 11 милијарди форинти (околу 30 милиони евра) од претставник на фирми што имале договори со „Воланбус“. Во истрагата е опфатен и сомнеж дека претставник на градежна групација му понудил на Шестак десет отсто од вредноста на договорите во очекување да добие државни нарачки. Според пресметката на „444“, заснована врз материјалите за одземање на пратеничкиот имунитет, вкупната сума на митото за кое е осомничен Шестак изнесува 12,6 милијарди форинти (околу 35 милиони евра).

На 28 септември на Шестак му беше одземен имунитетот и истиот ден беше приведен. Два дена подоцна судот му определи притвор. При претресот на неговиот дом истражителите нашле празни сефови во кои, според податоците на кои се повикал судот, претходно имало девет милијарди форинти во готовина. На 28 октомври судот му го продолжи притворот поради опасност дека може да влијае врз сведоци или да скрие друг имот. Одбраната понудила гаранција од 300 милиони форинти (околу 820 илјади евра) за тој да биде пуштен од притвор.
Што е пронајдено и што вели одбраната?
На 12 и 13 ноември истражителите извршиле претреси во Будимпешта и во уште три унгарски области. Пронашле форинти, евра и американски долари во вкупна противвредност од речиси 6,5 милијарди форинти, односно околу 18 милиони евра.

Дел од готовината била закопана во шума, а дел бил скриен во земјоделски објекти, магацини, станбен објект и сеф на затскриена локација.

Адвокатот на Шестак, Габор Пап, за унгарски „Телекс“ изјави дека одбраната сè уште нема увид во документите од последните претреси. Тој посочи дека службата соопштила оти парите се пронајдени во рамките на истрагата во која неговиот клиент е еден од осомничените. Во соопштението, нагласи Пап, не е наведено кому му припаѓа запленетата готовина.
Политикологот Габор Терек изјави дека снимките од купиштата готовина оставиле толку силен впечаток што веројатно ја запечатиле судбината на Фидес. Според истражување на агенцијата „Медијан“, до ноември поддршката за партијата се преполовила во споредба со предизборното ниво и паднала на само 16 отсто.
