Ајдари ја праша Димитриеска-Кочоска дали смета дека е праведно и во рамките на законот државата да им бара ретроактивен данок на граѓаните коишто го ставале во опасност сопствениот живот во земјите каде што работеле, а 90 отсто од оштетените случаи се Албанци
Според министерката, несоодветно е даночните прашања да се поврзуваат со етничката припадност на граѓаните посочувајќи дека првите реакции за ова прашање дошле од лица од Куманово, кои работеле во Авганистан и биле од македонска етничка припадност

Кај законите, кога станува збор за даноци, нема ретроактивност. Законот дозволува пет години наназад да се вратите и тука нема ретроактивност, туку пет години наназад кој нема платено данок, има обврска да го плати, вели министерската за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.
Изјавата на министерката беше дадена како одговор на пратеничко прашање од Рина Ајдари која од собраниската говорница обвини дека УЈП ретроактивно поднесува даночни пријави за работници во странство, при што најпогодени биле граѓани од албанската етничка припадност од Полошкиот и од Кумановскиот Регион.
„Оваа форма на ретроактивен финансиски удар буди сомневање дека државните институции користат даночни механизми на селективен начин кон одредена етничка заедница казнувајќи ги директно албанските семејства и економскиот развој на овие региони. Ова прашање треба да се третира транспарентно и со институционална одговорност без да се ограничуваат на генерални изјави дека законот се применува подеднакво за сите и дека не се прават етнички разлики“,
рече Ајдари.
Ајдари ја праша Димитриеска-Кочоска дали смета дека е праведно и во рамките на законот државата да им бара ретроактивен данок на граѓаните коишто го ставале во опасност сопствениот живот во земјите каде што работеле, а 90 отсто од оштетените случаи се Албанци.
„Како ќе одговорите на обвинувањата дека оваа кампања на Управата за јавни приходи има етничка, селективна позадина во Скопје, во Куманово, Гостивар и Тетово? И какви итни мерки ќе преземете вие како министер и вашата влада за да ги поништите или пак одложите овие вонзаконски ретроактивни решенија, затоа што на крајот на краиштата сите се вонзаконски“,
праша Ајдари.
Димитриеска-Кочоска ги отфрли ваквите тврдења и нагласи дека не станува збор за ретроактивност.
Според неа, несоодветно е даночните прашања да се поврзуваат со етничката припадност на граѓаните посочувајќи дека првите реакции за ова прашање дошле од лица од Куманово, кои работеле во Авганистан и биле од македонска етничка припадност.
„Не знам зошто и од оваа тема се трудите да направите повторно етнички тензии кога, на пример, првите граѓани или даночни обврзници што реагираа беа луѓе што работеле во Авганистан од Куманово, Македонци. Македонци беа првите што реагираа, не беа Албанци. Данокот не препознава Македонци или Албанци. Законот важи еднакво за сите. Данокот не препознава Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи или која било друга етничка заедница. Сите граѓани се еднакви пред даночните прописи“,
одговори Димитриеска-Кочоска.
Според Димитриеска-Кочоска, УЈП во изминатиот период повеќепати ја информирала јавноста за обврските на граѓаните што остваруваат приходи од странство и е надлежна институција за спроведување на законските процедури.
„Искрено сум изненадена од ова прашање: Дали е платен данокот или не е платен данокот? Прашањето е тоа. Управата за јавни приходи мислам дека во изминатиот период многупати одговараше во однос на ова прашање и имаше известувања до граѓаните. Тоа што некогаш не се презеле контроли, а сега се преземаат, тоа е одлука, најверојатно, на луѓето што работеле и во регионалните дирекции“,
изјави Димитриеска-Кочоска.
Според неа, евентуалното непреземање контроли во минатото не ја поништува законската обврска за плаќање на данокот и нагласи дека институциите имаат право во законски предвидениот рок да побараат наплата на непријавените обврски.
„Во рокот од пет години има обврска тоа да го констатира Управата за јавни приходи и да го побара да се плати. Еве, не ни се вратиле 10 години, не ни се вратиле 6-7 години, пет години. Иако верувам дека ако се врателе и 6-7 години, ќе имало ситуации да не се платени даноците, но не се вратиле затоа што законот дозволува да се вратите само пет години“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека сите граѓани сме еднакви во оваа држава, а особено кога станува збор за даноците.
„И, ве молам, кога станува збор за даночни обврски, немојте да мешате етнички припадности. Сите граѓани сме еднакви во оваа држава од многу аспекти, а па за данокот особено“,
додаде министерката.
