Според анализите на светските медиуми, доколку сè оди според планот, првичната јавна понуда – ИПО (IPO) на компанијата е можно да достигне вредност од 1,77 билиони долари – што ќе ѝ ја донесе титулата најголема ИПО во светот
Долгоочекуваната јавна понуда на „Спејс икс“ доаѓа со необичен сет услови, односно компанијата понуди цена на акциите од 135 долари по принципот „прифати или остави“ наместо да им го обезбеди вообичаениот опсег на цени на инвеститорите. Ова значи дека купувањето во голема мера се базира на ентузијазмот на инвеститорите за таа утврдена цена, а не на побарувачката базирана на низа цени
Американскиот производител на ракети за вселенски истражувања „Спејс икс“ (SpaceX) по две и пол децении од своето основање денеска по првпат ќе понуди акции на берза, односно јавно ќе се отвори за тргување на сопственичките удели на компанијата. Извршните директори на компанијата се очекува симболично да го чукнат ѕвончето на Волстрит што треба да го означи историското деби на производителот на ракети на берзата, пишува „Гардијан“.

Според анализите на светските медиуми, доколку сè оди според планот, првичната јавна понуда – ИПО (IPO) на компанијата е можно да достигне вредност од 1,77 билиони долари – што ќе ѝ ја донесе титулата најголема ИПО во светот.
Доколу ентузијазмот на инвеститорите ја потврди импресивната проценка, основачот и извршен директор на „Спејс икс“, Илон Маск, кој има голем удел во компанијата како мнозински акционер, ќе стане првиот трилионер во светот. Маск е, исто така, извршен директор на комапнијата „Тесла“ (Tesla), чија вредност се проценува на 1,2 трилиони долари.
Инаку, како што пишува британскиот весник, ИПО на „Спејс икс“ се случува во година која се предвидува да биде одлична за јавните понуди на компаниите за вештачка интелигенција (ВИ), група во која припаѓа и производителот на ракети како купувач на стартапот на Маск, xAI.
Конкурентите од оваа бранша, како „Опен АИ“ (OpenAI) и „Антропик“ (Antropic), исто така, поднесоа барања за излегување на берза, што треба да се случи во текот на годината. Предвидувањата се дека нивните јавни понуди ќе соберат рекордни суми од близу 1 билион долари, што во голема мера би го насочило американскиот берзански пазар кон компаниите за вештачка интелигенција.
Мнозинскиот сопственик на „Спејс икс“, Илон Маск, вели дека причината за излегување на компанијата на берза е да собере големи суми пари, за да може да го добие капиталот потребен за понатамошно истражување на вселената и создавање човечки колонии на други планети.
„Нашата мисија е да изградиме системи и технологии потребни за да го направиме животот мултипланетарен, да ја разбереме вистинската природа на универзумот и да ја прошириме светлината на свеста до ѕвездите“,
се вели во проспектот на „Спејс икс“ доставен до инвеститорите.
Инаку, компанијата е конгломерат од неколку бизниси на Маск, вклучувајќи го производителот на сателити и давател на интернет-услуги Старлинк (Starlink), xAI, платформата за социјални медиуми Икс и бизнисот со ракети „Спејс икс“ (SpaceX).
Иако е експанзивна, компанијата не е профитабилна, наведува „Гардијан“ во својата анализа.
Минатата година „Спејс икс“ оствари приход од 18,7 милијарди долари, додека забележа оперативна загуба од 4,3 милијарди долари. За споредба, компанијата за социјални медиуми „Мета“, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, минатата година генерира приход од повеќе од 200 милијарди долари со нето приход од над 60 милијарди долари.
Нетипична ИПО
Долгоочекуваната ИПО на „Спејс икс“ доаѓа со необичен сет услови. Компанијата понуди цена на акциите од 135 долари по принципот „прифати или остави“ наместо да им го обезбеди вообичаениот опсег на цени на инвеститорите. Значи, купувањето во голема мера се базира на ентузијазмот на инвеститорите за таа утврдена цена, а не на побарувачката базирана на низа цени.
Претходно оваа недела, извештаите на повеќе новински агенции покажаа дека побарувачката на инвеститорите е до четири пати преоптоварена, што значи дека 75 милијарди долари што компанијата сака да ги собере со својата ИПО би можеле да скокнат на 250 милијарди долари инвестиции.
Ова го предизвика гневот на сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, која ја повика Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC) да ја одложи јавната понуда на компанијата поради потенцијално „неточно или погрешно сметководство или проценка“.
Јавната понуда на „Спејс икс“ ги стави набљудувачите на пазарот во состојба на висока готовност. Покрај недостатокот на профитабилност, некои аналитичари сметаат дека толку големата проценка за компанија која троши пари на изградбата на своја вештачка интелигенција – xAI троши многу на центри за податоци – и е претежно управувана од едно лице – Маск, кој командува со околу 85% од акциите со право на глас на SpaceX. Ова, според нивните проценки, преставува нестабилна актива.

Дебито на компанијата на Волстрит би можело да го зајакне и нејзиното влијание врз финансискиот систем бидејќи, според извештаите, нејзините акции ќе бидат дистрибуирани во индексни фондови кратко време по нејзината јавна понуда. Овие фондови ги чуваат заштедите за пензионирање и пензиските планови на луѓето, што значи дека индивидуалните инвеститори би можеле несвесно да бидат изложени на финансиски ризик ако цената на акциите на компанијата доживеат пад.
Сепак, за вработените во „Спејс икс“, рекордната проценка значи дека тие се на пат да станат многу побогати. Според „Њујорк тајмс“ се очекува повеќе од 4 400 сегашни и поранешни вработени да станат милионери со јавната понуда, при што 400 од нив ќе обезбедат по 100 милиони долари или повеќе.
Габриел Зукман, француски економист кој ги проучува екстремните богатства, вели дека консолидираниот капитал донесен од ИПО на „Спејс икс“ (SpaceX), „Опен АИ“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic) би можел да има длабоки ефекти врз економијата и општеството – на начин што не е виден од минатиот век.
„Постои фундаментална тензија во демократските општества помеѓу екстремното богатство и самата можност за добро функционирачка демократија. По Втората светска војна, изгледаше дека екстремното богатство му припаѓа на минатото, но бумот на вештачката интелигенција создава милијардери секој ден, а се појавуваат и првите билиони“, вели Зукман.
