Михаилов тврди дека пожарот кој десетина дена беснее на планината Китка постојано е намерно потпалуван и дека речиси секојдневно се јавуваат нови жаришта на пожарот. Целта на потпалувачите, според него, е да се направи голема фронтална линија на огнот
Заменик-директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Кире Михаилов, тврди дека пожарот кој десетина дена беснее на Китка постојано е намерно потпалуван и дека речиси секојдневно се јавуваат нови жаришта на пожарот. Целта на потпалувачите, според него, е да се направи голема фронтална линија на огнот.

„Дефинитивно ова што ни се случува на планината Китка е тероризам. Дефинитивно некој сака или да ни изгори некое село или да отиде што поголема шумска површина, не знам што им е целта. И така, тие постојано си палат, а ние постојано и сè уште си гасиме. Но, мораме дефинитивно да најдеме начин некако да ги застанеме“,
пишува заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“ во објава на Фејсбук.
Според Михаилов, пожарот најпрво избувнал на територија на Студеничани од каде што потоа се префрлил кон Зелениково развивајќи се во голем и сериозен пожар на недостапни места. Истовремено, вели тој, пожар избувна и кај велешкото село Сл’п кој се движеше во правец на овој пожар.
„Во изминативе денови сведоци сме на повеќе нови потпалувања на линијата помеѓу двата пожара. Пред неколку дена, кога со максимални натчовечки напори целосно се изгасна пожарот во Велешко, наредниот ден имаше обид за негово повторно воскреснување, но добрата координација на сите служби го спречи тоа. Истиот ден, доцна во ноќта, имавме појава на нов пожар во правец над Градовци во близина на овој веќе постоечки пожар, но нашите екипи од ЈП ‘Национални шуми’ иако ноќе, повторно го средија“,
пишува Михаилов во фејсбук-објавата.
Додава дека рано утрината на 20 август биле регистрирани нови жаришта на непристапен терен кои сериозно го прошириле пожарот на Китка. Доцна вечерта на 21 август, пак, биле регистрирани уште три нови пожари – едниот на патот од село Добрино, вториот на патот помеѓу селото Страхојадица и селото Тисовица и третиот на патот помеѓу селата Страхојадица и селото Тисовица.
„На овие три нови точки, до доцна во ноќта дејствуваа нашите вработени од ПШС Караџица, градоначалникот на Зелениково со неколку луѓе и противпожарното возило на Општина Зелениково како и ТППЕ Драчево“,
вели Михаилов.
Тој додава дека поради населеноста на ридските и планински села не може да се ограничи движењето во овој предел, но апелира да се пронајдат лицата кои, според него, намерно ги предизвикуваат пожарите на овој предел.
