Поради настанатата ситуација, како што соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, трите „ертрактори“ кои дејствуваа кај Бигла се пренасочени кон пожарот во Пехчевско, со цел, како што вели, да му се зададе почетен удар за да не се развие во тешка огнена стихија. Според информациите на Ангелов, на ова место гори борова шума, која тешко се гаси
Додека противпожарните тимови се справуваат со огнената стихија кај селото Бигла, нов силен пожар попладнево избувна на територијата на Општина Пехчево во близина на границата со Бугарија, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Поради настанатата ситуација, како што соопшти тој, трите „ертрактори“ кои дејствуваа кај Бигла се пренасочени кон пожарот во Пехчевско, со цел, како што вели, да му се зададе почетен удар за да не се развие во тешка огнена стихија. Според информациите на Ангелов, на ова место гори борова шума, која тешко се гаси.
„Поради тоа што предмалку ми јавија дека избувнал пожар силен шумски пожар во борова шума во близина на границата со Бугарија на територијата на Општина Пехчево, градоначалникот (Александар) Китански веќе е кон местото на пожарот, ги пренасочив ‘ертракторите’ кои предмалку полетаа кон овој нов шумски пожар. Ќе се обидеме да му зададеме почетен удар пред да се развие во тежок пожар, затоа што боровата шума тешко се гаси. Ако се разгори огнот овде ќе имаме многу тежок проблем“,
вели директорот на ДЗС.
Состојбата со пожарите денеска, вели тој, е исклучително лоша бидејќи има неколку тешки шумски пожари.
За пожарот, кој попладнево избувна кај селото Бигла, кое се наоѓа на средина на патот помеѓу Македонска Каменица кон Делчев, Ангелов информира дека е делумно ставен под контрола, благодарение на воздушната интервенција на трите „ертрактори“, на пожарникарите од Делчево, Берово, Кочани, Виница, како и на доброволните пожарникари, локалното население, екипите на „Национални шуми“ и локалната самоуправа.
„Се работи систематски, чекор по чекор, направени се одлични противпожарни пресеки кои треба да не дозволата огнот да ја премине линијата и да навлезе во селото Бигла“,
вели Ангелов.
Покрај овие пожари, директорот на ДЗС информира дека сè уште е активен и пожарот на територијата на Општина Студеничани на планината Китка којшто ноќеска го загрозуваше селото Палиград. Вели дека селото е безбедно, и таму имаат доволно сили за негова одбрана, но самото гаснење на огнената стихија е многу комплексно бидејќи станува збор за исклучително тежок и планински терен.
Пожарот во Мариовско, каде што синоќа се одвивала вистинска драма во обид да не се дозволи огнот да навлезе во селото Бонче, денеска е изгаснат, вели Ангелов, а очекува и огнената стихија која повеќе денови беснее на територијата на Општина Македонски Брод над селото Драгов Дол да биде, исто така, изгаснат.
„Пожарот некаде над село Драгов Дол се движи како змија. Таму е ‘огнен тим’ на Дирекцијата за заштита и спасување кој втор ден го намалува. Имаме забележителен успех, но се работи за карпест терен, каде што не гори квалитетна вегетација, туку трева, трње, грмушки, на некои места влегува во шума. Голем оптимист сум дека овој пожар набргу ќе биде целосно изгаснат. Пожарот во Мариовско, кој беснееше неколку денови денеска дефинитивно е изгаснат. Минатата ноќ таму се одвиваше вистинска драма, селото Бонче беше загрозено, бев на лице место. Пожарот беше стопиран благодарение на доброволците ангажирани преку ‘огнените тимови’ на ДЗС и со поддршка на пожарникарите од Прилеп, но истиот нешто подоцна се разбуди, се отвори на еден крак, дејствуваме брзо, успеавме тој крак да го изгасиме и во овој момент можам да кажам дека мариовскиот пожар е целосно изгаснат, претежно со копнени сили. Оставени се екипи коишто дежураат на лице место за истиот да не се реактивира“,
вели директорот на ДЗС.
Изгаснати, според него, се и пожарите во мавровското село Церово, а под контрола се ставени огнените стихии во кумановско Винце и на територијата на Општина Желино, каде што гореше во близина на селото, исто така со име Церово.
Битката со пожарите, вели Ангелов, е потешка од ден на ден, особено поради високите температури
Тој уште еднаш упати апел до граѓаните да внимаваат да не предизвикаат пожар.
„Доволна е само искра за вистинска катастрофа“,
вели директорот на ДЗС.
