„Има луѓе што 20 години гаснат пожари, но ова што го видовме во 5 часот наутро не сме го виделе досега. Огнот се движеше со голема брзина, со огнени јазици високи меѓу 3 и 4 метра и силен ветер кој постојано го менуваше правецот. Се бркавме со огнот, а чадот беше толку густ што мораше да се наведуваме ниско до земјата за да го видиме пламенот. За време на гаснењето задолжително носевме гас-маски“, вели претставникот на ДПД Битола

Брзата реакција на доброволните противпожарни друштва (ДПД) од Битола и Кочани, поддржани од локалното население и Територијалната противпожарна бригада од Прилеп, спречила пламените јазици утринава да го зафатат прилепското село Бонче.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, објавувајќи видеоразговори со пожарникарите, потврди дека селото е спасено благодарение на навременото превентивно распоредување на доброволците.
Според сведоштвата на пожарникарите од ДПД Битола, пожарот се однесувал исклучително необично и агресивно за тој период од денот.
„Има луѓе што 20 години гаснат пожари, но ова што го видовме во 5 часот наутро не сме го виделе досега. Огнот се движеше со голема брзина, со огнени јазици високи меѓу 3 и 4 метра и силен ветер кој постојано го менуваше правецот. Се бркавме со огнот, а чадот беше толку густ што мораше да се наведуваме ниско до земјата за да го видиме пламенот. За време на гаснењето задолжително носевме гас-маски“,
изјави претставникот на ДПД Битола, познат како Ченто.
Доброволците интервенирале и со специјалното противпожарно возило на ДПД Кочани, кое се движело на исклучително ризични терени, додека пожарникари ги гаснеле пламените јазици буквално под тркалата на камионот.
Борбата со огнот била водена и со помош на неколкумина локални жители кои им ги покажувале шумските патеки на екипите.
На терен интервенирала и екипа на Итната медицинска помош. Доктор Емилија во разговор со Ангелов потврди дека нема сериозно повредени, освен еден пациент кој бил краткотрајно задржан во болница поради полесна интоксикација со чад, по што веднаш бил пуштен и се вратил во селото.
„За влакно го спасивме селото. Огнот во еден момент крена и над 20 метри височина и се префрлаше на секои 10 метри, но успеавме да ги споиме огновите и да спречиме катастрофа“,
додадоа доброволците Благојче Ѓоргиовски и Михаела Силјаноска.
Директорот Ангелов изрази огромна благодарност до сите 60-тина доброволци кои летово се постојано ангажирани преку тимовите на ДЗС низ целата држава. Тој нагласи дека доброволното пожарникарство го покажало својот метален капацитет и дека државата ќе продолжи да вложува во неговиот развој.
Главниот дел од пожарот кај Бонче е ликвидиран и ставен под контрола. Но, попладнево еден крак од пожарот повторно е разгорен, а со брзата интервенција тој е изгаснат.
