Бројот на активни случаи – 825, е за 152 помал од врвот достигнат на 19 април, кога имаше 977 активни случаи и од кога, со мали колебања, бројката се намалува
Изминатата е прва недела во која опаѓа и бројот на починати на неделно ниво – во првата недела имаше 6 смртни случаи, во втората недела – 12, па 16, па 17, за во изминатите седум дена бројот на починати да биде 10
Позитивната вест од вчерашниот ден е дека бројот на оздравени пациенти од ковид-19 во земјава стигна до 500. Од друга страна, расте и бројот на заразени кој достигна близу 1 400. На крајот на април, кога се очекуваше врвот на епидемијата во Македонија, статистиките велат дека најлошото поминува.
Подобро отколку што се очекуваше
Прво на 22 март, а потоа и на 26 март, министерот за здравство Венко Филипче даде проценка дека врвот на епидемијата со ковид-19 во земјава ќе биде на крајот на април, кога се очекуваат околу 2 000 случаи.
Еден месец и неколку дена подоцна од таа изјава, Македонија стигна до 1 386 случаи или далеку помалку од проценките. Иако и самиот Филипче имаше резерви, најверојатно ова е еден од оние ретки случаи во кои никој нема да има забелешки што не се „исполнети“ очекуваните бројки.
Па, иако е јасно дека бројката од 2 000 позитивни на ковид-19 нема да биде постигната во неколкуте дена што остануваат до крајот на месецот, засега никој не се осудува да прогласи „победа“. Сепак, станува збор за нова болест која крие многу непознати, иако статистиката што ја објавува државата оди во прилог на тезата дека врвот на заразата е поминат.
Најдобар показател за тоа каде е земјава на „линијата“ на ковид-19 е бројот на т.н. активни случаи, односно пациенти кои во моментов се позитивни на коронавирусот. Ако се погледне „кривата“ на болеста од моментот на регистрирање на првиот случај во земјава до последниот податок (26.4.2020 г.), видливо е дека последнава недела веќе има јасен тренд на намалување на бројот на активни пациенти.

На 1 март во земјава имало само еден активен случај. На 1 април веќе има 326 активни случаи. Врвот е достигнат на 19 април, кога има 977 активни случаи и оттогаш, со мали колебања, бројката се намалува. Последниот податок говори за 825 активни случаи, колку што приближно имало на 15 април.
Паѓа и бројот на новозаразени
Причината за намалувањето на бројот на активни случаи се должи на два други тренда. Прво, се побрзо расте бројот на оздравени пациенти.

Второ, за првпат од почетокот на епидемијата се забележува и намалување на бројот на новодијагностицирани случаи на неделно ниво. Во изминатите седум дена има вкупно 180 нови случаи, додека во претходната недела биле двојно повеќе случаи – 393.

Во прилог на тезата дека ковид-19 во земјава го губи темпото оди и фактот дека се помал процент од тестираните суспектни случаи се позитивни на вирусот.
Зошто нема „опуштање“
Уште една државна статистика која покажува дека најлошото од коронавирусот во земјава помина, но во исто време предупредува дека не е се готово, е бројот на починати лица.
Анализата на бројките на неделно ниво покажува дека за првпат од првиот смртен случај од вирусот во земјава, неделава има тренд на намалување на бројот на починати.
Низ бројки, во првата недела по првиот смртен случај имаше уште пет други или вкупно шест. Во втората недела имаше 12 смртни случаи, па 16, па 17. Изминатите седум дена бројот на починати е 10.

Додека падот на бројот на починати е позитивна вест, фактот дека се уште има луѓе кои ја губат битката со болеста е најголемо предупредување. Иако споредено со други болести, 61 смртен случај за пет недели не изгледаат многу, опасноста е во тоа што црниот „биланс“ е последица на само 1 386 регистрирани болни и тоа од вирус кој без соодветни мерки за превенција може многу лесно и брзо да се шири.