На рочиштето беше сослушан и форензичкиот психијатар проф. д-р Стојан Бајрактаров, кој рече дека кај обвинетиот не е утврдена душевна болест, а неговите интелектуални способности се на границата меѓу лесна ментална ретардација и нормални капацитети. Според вештачењето, тој бил пресметлив додека ги извршувал делата
Трајко Бојковски од Општина Старо Нагоричане, обвинет за четири убиства и два обида за убиство, на денешното рочиште во Основниот суд Куманово призна три од четирите убиства кои според Обвинителството ги извршил во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година.

Во однос на првата точка од обвинението, која се однесува на убиството на Станче Каревска во село Клечовце во јануари 2025 година, тој прво одговори потврдно, а потоа негираше дека ја убил, тврдејќи дека воопшто не бил во Клечовце и дека не знае за настанот. На прашањето дали е точно дека бил кај Јанка Антевска од село Драгоманце во периодот од 5 до 7 јуни 2025 година, Бојковски одговори потврдно и рече дека се кае.
Обвинетиот потврди и дека на 22 јули 2025 година бил кај Слободка Арсовска во село Челопек. Рече дека отишол поради пари, но откако слушнал кучешки лаеж се исплашил и избегал, без да земе пари од неа. Потврдно одговори и рече дека се кае за убиството на Марија Маринковска од Старо Нагоричане, кое според Обвинителството се случило во периодот помеѓу 17 и 18 јануари годинава.
Убиството на Мира Станковска од Челопек најпрво го негираше, но соочен со доказите од Обвинителството, дека пронајдените биолошки траги биле идентични со неговите, тој одговори потврдно и рече дека се кае. Потврди и дека на 9 февруари годинава бил кај Росанда Трајковска во Челопек од каде што зел пари и се обидел да ја задави.
На рочиштето беше сослушан и форензичкиот психијатар проф. д-р Стојан Бајрактаров, кој рече дека кај обвинетиот не е утврдена душевна болест, а неговите интелектуални способности се на границата меѓу лесна ментална ретардација и нормални капацитети. Според вештачењето, тој бил пресметлив додека ги извршувал делата.
По рочиштето, обвинителот Љубомир Лапе изјави дека начинот на одбрана е право на обвинетиот, но посочи дека Бојковски на распитот во Обвинителството претходно ги признал кривичните дела и дека постојат и други материјални докази со кои се поткрепува обвинението.
