Од Агенцијата истакнуваат дека редовната регистрација, микрочипирањето и вакцинацијата на домашните миленици не само што обезбедуваат заштита од вирусни закани туку претставуваат и основа за воспоставување контрола над популацијата на бездомни животни во земјава

По Светскиот ден против беснило – 28 септември, кој оваа година се одбележува под мотото „Заедно посилни“, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати апел до граѓаните за редовна задолжителна годишна вакцинација и микрочипирање на кучињата и мачките, како дел од мерките за одговорно сопствеништво и спречување на оваа смртоносна болест.
Од АХВ предупредуваат дека на секои девет минути беснилото одзема по една жртва ширум светот, иако смртноста од оваа болест може 100 проценти да се спречи. Годинашното мото ја нагласува потребата од зајакната соработка меѓу секторите за здравје на луѓето и животните, подобрена комуникација и усогласени активности на сите нивоа.
Во рамките на превентивните мерки, Агенцијата потсетува дека е во тек кампањата „Стоп беснило – пријави и спречи“ за зголемување на пасивниот надзор над болеста. Се апелира до граѓаните и возачите, доколку забележат угинато диво животно приемчиво на вирусот како лисици и други диви месојади, веднаш да пријават на бесплатниот телефонски број 0800 00 210 или во подрачните единици на АХВ.
Покрај тоа, АХВ ја спроведува и есенската кампања за орална вакцинација на лисиците со авионска дистрибуција на 450 000 вакцинални мамки, која започна на 23 септември и ќе трае до 2 октомври. По завршувањето на дистрибуцијата, во рок од 15 дена ќе се врши земање примероци на терен за проверка на успешноста од вакцинацијата кај дивата популација.
Од Агенцијата истакнуваат дека редовната регистрација, микрочипирањето и вакцинацијата на домашните миленици не само што обезбедуваат заштита од вирусни закани, туку претставуваат и основа за воспоставување контрола над популацијата на бездомни животни во земјава.
