Декларацијата е усвоена со 99 гласа „за“ и без ниеден „против“ или „воздржан“, а со неа пратениците бараат институциите во Косово да преземат координирани правни, институционални и дипломатски дејствија за заштита и афирмација на, како што се наведува, историската вистина за војната на Ослободителната војска на Косово
Косовскиот парламент денеска усвои декларација со која изразува длабока загриженост во врска со првостепената пресуда на Специјализираните совети на Косово во Хаг против поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Со документот, пратениците го отфрлаат како неприфатлив заклучокот дека постоела заедничка криминална намера кај ексводачите на ОВК.

Декларацијата е усвоена со 99 гласа „за“ и без ниеден „против“ или „воздржан“, а со неа пратениците бараат институциите во Косово да преземат координирани правни, институционални и дипломатски дејствија за заштита и афирмација на, како што се наведува, историската вистина за војната на Ослободителната војска на Косово.
Во декларација дополнително се наведува дека во периодот од 1998 до 1999 година постоел заеднички криминален потфат за протерување на Албанците од Косово и се додава дека вистината за ослободителната војна, правдата за жртвите и нивните семејства, како и правото на обвинетите на правично судење се прашања од интерес на Косово, кои парламентот ќе ги брани бескомпромисно.
Текстот на декларацијата претходно беше усогласен меѓу сите пратенички групи на Албанците и пратениците што ги претставуваат заедниците кои не се српски. Пратениците на Српска листа не беа присутни на седницата.
Минатата недела Демократската партија на Косово предложи законски измени со кои би се ограничила надлежноста на Специјализираните совети на Косово во Хаг, би се скратил периодот на кој се однесуваат предметите, а максималната казна би изнесувала 15 години. Предложените измени предвидуваат и казните да се издржуваат во Косово, како и можност за помилување на осудениците од претседателот на државата.
Специјализираните совети на Косово во Хаг на 16 септември годинава им пресудија по 25 години затвор на Хашим Тачи и Јакуп Красниќи, 18 години затвор на Кадри Весели и 13 години на Реџеп Селими, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово
