Полицијата информира дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека 11 возачи се лишени од слобода поради безобѕирно управување со моторно возило во текот на изминатото деноноќие. Пет од нив возеле без положен возачки испит, три под дејство на алкохол, двајца со активна забрана, а еден ја пречекорил брзината.
„Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода 11 возачи поради сторено кривично дело ‘безобѕирно управување возило’ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, пет лица лица управувале возило без положен возачки испит и тоа: С.А. (63), М.М. (20) од с. Лисец, Тетовско, Е.Д. (28) од Штип, Ф.А. (62) од Радовиш и С.М. (36) од с. Ораовица, Радовишко, кој управувал и нерегистрирано возило и бил под дејство на алкохол“,
информира МВР.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“,
повикаа од МВР.
