Кога ќе дојде вакцината, таа е добредојдена и државата ќе си го направи своето и ќе набави количина која ќе биде достапна во тој момент, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести
Бидете сигурни дека ова ‘чудо’, корона – кризата која не зафати на почетокот на годината ќе трае и до следната календарска година. Мора да бидеме поготвени за превентива, а не за вакцина, тврди претседателот на Комисијата за зарзни болести, Жарко Караџовски.
„Кога ќе дојде вакцината, таа е добредојдена и државата ќе си го направи своето и ќе набави количина која ќе биде достапна во тој момент“,
вели Караџовски во интервју за МТВ1.
Тој објаснува дека здравствените власти се постојано во преговори со СЗО за, како што вели, социјално, социолошки и културолошки, секоја држава да добие одредена количина од оваа вакцина и во крајна линија тоа да биде фер, а не најголемите држави да ги купат сите дози а помалите држави, особено тие што немаат финансии да останат без дози.
„Да се надеваме дека следната календарска година ова време ќе имаме на видик некаква вакцина“,
вели Караџовски.
И министерот за здравство Венко Филипче досега во повеќе наврати најави дека преку механизмот Ковакс ќе имаме рамноправен пристап до вакцината против ковид-19.
ЕУ потпиша билатерален договор со компанијата Астра Зенека за земјите членки на ЕУ и нашата земја добила писмо со понуда од Полска преку полскиот амбасадор.
Водечка во трката е руската група од Институтот за истражување „Гамалеја“, чија вакцината веќе е одобрена од властите за употреба кај своите граѓани, иако не ги мина вообичаените фази на тестирање.
Потоа следува т.н. оксфордска вакцина на „Астра Зенека“, која најави продолжување на тестирањето на потенцијалната вакцина во Велика Британија, откако тоа беше запрено минатата недела, откако волонтер од Велика Британија се разболел. Испитувањето на вакцината во САД и другите земји останува во мирување.
Трета во оваа трка е Кина која денеска најави дека потенцијалната вакцина би можеле да биде достапна за поширока употреба во ноември.
Кина во моментов работи на четири вакцини против ковид-19, кои се во завршна фаза на клиничко испитување.