Завршното тестирање на вакцината против ковид-19, која ја развиваат Универзитетот во Оксфорд и фармацевтската компанија „Астра Зенека“, е ставено на пауза бидејќи кај еден од учесниците се појавила неповолна реакција.
Компанијата ја опиша реакцијата како необјаснива болест и засега не е јасно за што точно станува збор.
Оваа вакцина влезе во трета фаза на испитувањата и важи за една од најнапредните од десетиците што во моментов се развиваат во светот.
Од „Астра Зенека“ велат дека во вакви големи истражувања некогаш и случајно се случуваат болести кај пациентите. Тие најавуваат дека податоците од нивните тестирања ќе бидат анализирани од независни тела, по што ќе се утврди што точно се случило.
Додаваат дека суспендирањето на тестирањата е рутинска постапка која мора да се преземе кога ќе се појави необјаснива болест на некое од клиничките испитувања.