Од компанијата не посочија кога тестирањето ќе продолжи и во другите земји, но сметаат дека паузата нема да ги одложи резултатите кои се очекуваат до крајот на годината
Тестирањето на оксфордската вакцина за ковид-19 во Велика Британија ќе продолжат, соопшти фармацевтската компанија „Астра Зенека“ откако пред неколку дена беа паузирани, бидејќи волонтер од Велика Британија се разболел. Испитувањето на вакцината во САД и другите земји останува во мирување.
Веста доаѓа во ист ден кога конкурентската американска компанија „Фајзер“, рече дека го проширува испитувањето на вакцината на 44 000 волонтери, со цел да се обезбедат различни групи за испитување и што побрзо да се дојде до резултатите од тестирањата, пишува „Њујорк Тајмс“.
Објавите на двете компании не содржат многу детали околу испитувањата на вакцините, што предизвика критики дека не се доволно отворени за јавноста.
„Астра Зенека“ минатата недела го прекина испитувањето, откако еден од волонтерите во Велика Британија тешко се разболел. Компанијата не ја соопшти одлуката, а откако новинската организација „Стат“ објави дека тестирањето е на пауза, компанијата објави соопштение во кое случајот се опишува како „потенцијално необјаснета болест“.
Повикувајќи се на анонимни извори кои се запознаени со ситуацијата, „Њујорк Тајмс“ јавува дека волонтерот имал симптоми кои наликуваат на воспаление на рбетниот мозок, состојба што може да се излекува за неколку месеци, но може да предизвика дополнителни последици.
Без многу детали, компанијата вчера соопшти дека ангажирала тим од експерти кои го испитале случајот и го информирале регулаторното тело за лекови и здравствени производи на британската влада дека тестирањето е сигурно и безбедно да продолжи.
Од компанијата не кажаа кога тестирањето ќе продолжи и во другите земји, но сметаат дека паузата нема да ги одложи резултатите.
Во трката за развој на вакцина, „Астра Зенека“ и „Фајзер“ се меѓу првите копмании кои се во доцни фази од клиничките испитувања и најавуваат вакцина до крајот на годината.
Во саботата, Фајзер најави и дека резултати за тоа дали вакцината е успешна може да има и до крај на октомври.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека скоро 180 потенцијални вакцини се тестираат низ светот, но засега никој не ги завршил клиничите испитувања.
Пред два дена, претставничката на СЗО, научничката Сумија Сваминатан, рече дека суспендирањето на клиничките испитувања за вакцината против ковид-19 на фармацевстваката компанија „АстраЗенека“ може да биде и повик за освестување и да се разбере дека во научните кругови се случуваат и овие работи, но дека не треба светот да се обесхрабрува.