За барањето на Русковска, вчера се огласија и од амбасадата на САД во земјава со иста порака како и ЕУ – ова прашање е за надлежните органи. Реакција имаше и од Здружението на јавни обвинители од каде рекоа дека со зачуденост го проследиле, како што рекоа, „драматичниот повик“ кој сметаат дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители
По американската амбасада, и Европската Унија (ЕУ) порача дека прашањето помеѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција (УФП) Арафат Муареми треба да го решат надлежните органи.
Во одговор до државната агенција МИА, на прашање во врска со повикот на Русковска меѓународната заедница да реагира поради притисоци од Муареми и да ги провери предметите што се работат и да се види кој е криминалец, а кој се бори против криминалот, од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека Унијата внимателно ги следи сите случувања поврзани со меѓусебните разменувања на обвинувања помеѓу обвинителката и директорот на УФП и смета дека – тоа прашање треба да го решат надлежните органи.
„Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ“,
наведуваат од Делегацијата на ЕУ.
Во одговорот се посочува дека постоечките закони на земјата ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат.
„Ова прашање треба да го решат надлежните органи“,
додаваат од ЕУ.
Размената на обвинувања помеѓу првите луѓе на ОЈО ГОКК и УФП кулминираше по претресот што обвинителството го направи во финансиската полиција по добиена анонимна пријава.
Во реакциите кои јавно преку медиумите си ги разменуваа, Русковска пред два дека повика на реакција од меѓународната заедница, наведувајќи ги конкретно Американската амбасада и ЕУ, како и европската обвинителка Лаура Ковеси.
„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè амбасадата на САД и канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот, за Муареми“,
повика Русковска во средата вечер.
Нејзиниот повик следуваше како реакција на обвинувањата што ги упати Муареми истиот ден на брифинг со новинарите велејќи дека претресот бил незаконски и најави дека ќе поднесе кривични пријави против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.
На повикот на обвинителката до меѓународната заедница се приклучи и директорот на финансиската полиција, но во насока на тоа дека и странските претставници треба да го видат незаконското постапување на обвинителството на Русковска, како што за тоа претходно информираше и Јавното обвинителство на чело со Љубомир Јовески кое објави извештај од надзор во којшто се констатираа низа пропусти.
За барањето на Русковска, вчера е огласија и од амбасадата на САД во земјава со иста порака како и ЕУ – ова прашање е за надлежните органи.
Реакција имаше и од Здружението на јавни обвинители од каде рекоа дека со зачуденост го проследиле повикот на Русковска кој сметаат дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители.
Како јавни обвинители, реагираа од Здружението, не гледаме ниту една причина за ваков драматичен повик. Тие порачаа дека нема потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации односно дека Јавното обвинителство има капацитет да одлучува, но испратија и порака дека ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето.