Според американскиот претседател, Иран сака да ја продолжи војната до ноември за да му нанесе политичка штета на претстојните среднорочни избори за Преставничкиот дом и Сенатот
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави оти очекува Иран да се откаже од своите воени активности по среднорочните избори за двата дома на Конгресот на САД, закажани за ноември годинава, по што и цените на нафтата ќе паднат, пренесе Си-ен-ен.

Одговарајќи на новинарски прашања пред заминувањето на предизборната конвенција на Републиканската партија во Далас, Трамп рече дека Иран сака да ја продолжи војната до ноември за да му нанесе политичка штета на претстојните среднорочни избори за Преставничкиот дом и Сенатот.
„Тие очајно сакаат да се обидат да влијаат на изборите за да можеме да добиеме убава слаба група луѓе таму (во Претставничкиот дом и Сенатот) и потоа да ги оставиме сами и да им дозволиме да го имаат своето нуклеарно оружје“,
изјави претседателот на САД.
Сепак, тој додаде оти верува дека Иран е блиску до колапс и дека ќе бара крај на конфликтот веднаш по изборите, што ќе предизвика и пад на цените на нафтата.
„Мислам дека војната ќе заврши веднаш по изборите, бидејќи тие не можат да издржат повеќе“,
рече тој.
Коментарите на Трамп доаѓаат во време кога глобалната референтна цена на нафтата повторно надмина 100 долари за барел, поттикнато од засилените борби меѓу САД и Иран во последните денови, што дополнително го загрози протокот на сурова нафта низ Ормутскиот теснец.
Зголемувањето на цените на нафтата, како што наведува Си-ен-ен, најверојатно дополнително ќе ги зголеми трошоците за гориво во САД, што е еден од клучните економски проблеми на администрацијата на Трамп пред среднорочните избори. Цените на бензинот во САД денеска скокнаа за 7,3 центи за галон (околу 3,8 литри) што е најголемото еднодневно зголемување од мај годинава. Просечната цена на бензинот низ целата земја сега е 4,22 долари за галон, а нагорна линија бележи и цената на дизелот, чија просечена цена денеска достигна рекордни 5,94 делари за галон.
Трамп и неговите верни соработници и поддржувачи изминатите месеци додека трае војната со Иран постојано повторуваат дека трошоците за нафта нагло ќе паднат штом ќе завршат борбите. Секретарот за финансии, Скот Бесент тврдеше дека цените на бензинот би можеле да се вратат близу до нивото од 3 долари за галон до Денот на трудот (7 септември) што не се оствари, како што не се остварија и првичните предвидувања на администрацијата на Трамп дека војната ќе трае само четири до шест недели.
Сега, околу шест месеци по почетокот на војната, САД сè уште бараат начини да го отворат Ормускиот Теснец, поморскиот пат преку кој пред почетокот на непријателствата поминуваше речиси една петтина од светскиот проток на нафта. Министерството за финансии на САД минатиот месец се обиде да го обесхрабри Иран преку нови форми на економски притисок, заканувајќи се со санкции на земјите што соработуваат со режимот во Техеран. Дополнително, администрацијата на Трамп во меѓувреме се борeше да ги убеди танкерите за нафта да го преминуваат теснецот, иако Иран сè уште покажува дека е способен да пука врз бродовите.
На денешните инсистирања на новинарите за одговор во врска со потенцијалните политички последици од високите цени на горивата, Трамп рече дека нема простор за загриженост и порача дека Американците треба да ја поддржат пошироката офанзива против Иран.
„Мислам дека е многу лесно да ѝ се објасни на Америка. Сè што треба да направите е да кажете: Дали ќе дозволите Иран да има нуклеарно оружје? И одговорот е не“,
рече Трамп.
