Растот на цените следува по новата ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран и зголемените тензии околу Ормускиот Теснец, преку кој се транспортира значаен дел од светската нафта. Трговците стравуваат дека танкерите би можеле да продолжат да се соочуваат со пречки при минувањето низ овој стратешки воден пат
Глобалните цени на нафтата повторно се искачија на околу 100 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од јули, пренесува Си-ен-ен. Растот на цените следува поради зголемената загриженост дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток би можела да предизвика подолготрајни нарушувања во снабдувањето со нафта.

Цената на суровата нафта „брент“, глобалниот референтен показател, утрово порасна за 2,3 отсто и накратко достигна 100 долари за барел, пред благо да се намали. „Брент“ последен пат беше на тоа ниво во јули.
Американската нафта ВТИ поскапе за 1,3 отсто, достигнувајќи околу 94 долари за барел.
На европските пазари, германскиот берзански индекс ДАЏ падна за 0,39 отсто, на 25 890,77 поени, додека британскиот ФТСЕ 100 се намали за 0,28 отсто, на 10 783,09 поени.
Францускиот ЦАЦ 40 забележа пад од 0,61 отсто и се спушти на 8 265,15 поени. Од друга страна, кинескиот ЦСИ 300 порасна за 0,30 отсто, достигнувајќи 4 572,60 поени.
На пазарот на енергенси, европските фјучерси за природен гас со испорака во октомври на холандскиот ТТФ во Амстердам се тргуваа по околу 76,8 евра за мегават-час, што претставува дневен пад од околу 1,3 отсто.
САД соопштија дека нападнале четири ирански танкери во Оманскиот Залив и уште еден во близина на островот Харг, како одговор на обидите за напади со балистички ракети врз американски воен брод. Харг е клучен центар за извоз на иранска нафта.
Дополнителен притисок врз цените предизвикаа и нападите на хутите, поддржани од Иран, врз Саудиска Арабија, при што беа таргетирани нафтена и друга инфраструктура.
Враќањето на „брент“ над границата од 100 долари е уште еден знак за неизвесноста околу глобалното снабдување со енергенси.
Повисоките цени на суровата нафта веќе се одразуваат и врз цените на бензинот и дизелот, зголемувајќи го притисокот врз потрошувачите.
