Директорот на Управата смета дека претресите биле тенденциозни и со цел да се наруши неговиот личен и угледот на финансиската полиција за да се компромитираат сегашни и идни предмети што ги води оваа институција за да се заштитат нечии интереси
По претставките за обвинителите и судијата на претходна постапка, Управата за финансиска полиција најавува дека ќе оди и чекор понатаму во случајот со претресот што во нивните простории го правеше Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), кој според Управата, бил незаконски.
До крајот на неделава или почетокот на следната, од Управата на чело со директорот Арафат Муареми најавуваат дека ќе поднесат кривични пријави против шефицата на ОЈО-ГОКК Вилма Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.
Според најавата од Управата, кривичните пријави ќе ги поднесат за делата злоупотребата на службената положба и овластување и за фалсификување на службена исправа.
Кривичното дело фалсификување на службена исправа, од Управата го објаснуваат со тоа дека обвинителството кога барало судот да издаде наредба за претрес дало погрешни податоци дека има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот всушност, велат, има само анонимна кривична пријава и конкретни наводи во неа, без да бидат поткрепени со доказ.
„ОЈО ГОКК во барањето до судот навело дека сум сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание и дека располага со докази за основано сомнение дека сум го сторил тоа кривично дело. Што во превод значи дека ОЈО ГОКК кога го поднесувало барањето за претрес до судот, во тој момент располагало со информации и докази за тоа каква награда сум примил, од кого сум примил, за што, кога, над кого и над што сум направил незаконито влијание и слично, а притоа истото тоа обвинителство доаѓа и вади наредба за претрес во која вели ’предметите оформени по поднесени анонимни кривични пријави, поднесени од 2018 година до денот на претресот‘. Па кога сум го сторил кривичното дело за коешто ОЈО ГОКК ТВРДИ дека има основано сомнение дека сум го сторил? Во 2018, 2020, три дена пред претресот, на денот на претресот?“,
коментира Муареми.
Во врска со претресот од финансиската полиција забележуваат и дека во наредбата што била издадена од судот пишувало дека претресот се доверува на полициски службеници од правосудната полиција, а дека во Управата истиот го вршеле дополнително уште пет истражители од обвинителството.
Исто така, сметаат и оти тимот на Русковска направил прекршување на Законот за кривична постапка бидејќи истиот предвидува кога претрес се прави во државен орган да се повика старешината, но тоа не се случило. Во случајот со Управата за финансиска полиција и директорот, нивен надреден е министерот за финансии кој требало да биде повикан или на претресот да присуствува лице што ќе го назначи министерот.
„Претресите беа тенденциозни и со единствена цел – да се наруши мојот личен углед, угледот на целата институција, да се доведат во прашање сите сегашни а и идни постапки и предмети кои Управата ги води, а се со цел да заштити нечии интереси. Дали претресот е начин Вилма Русковска да дојде до предметите коишто Управата ги работи, и да изврши директен увид во тие предмети, со оглед на тоа дека бара да ѝ се достави целокупната документација? Дали обвинителката сака да види за кого и што има во Управата? Дали Русковска сака да провери точно за кого сè има постапки во Управата?“,
прашува Муареми.
На забелешките кои во јавноста ги даде Русковска зошто од Управата не се жалеле до Кривичен совет за наредбата што ја издал судија на претходна постапка, пак, од Управата велат дека жалба за наредба не постои туку жалба може да се поднесе за решение.
Претресот во Управата за финансиска полиција беше извршен на 18 јули. Тогаш од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска само кратко потврдија дека вршат претрес и оти станува збор за предмет оформен по пријава од граѓани.
Од Управата, пак, уште тогаш го квалификуваа претресот како непотребен и незаконски и обвинија дека станува збор за намерно инсценирани и неосновани напади кон нив кои доаѓаат од еден ист центар. Исто така, оттаму поднесоа и претставка до државниот обвинител за постапувањето на истражителите и обвинителите од обвинителството на чело со Русковска, како и до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје кој ја издал наредбата за претрес врз основа на барањето на обвинителството.
По претставката, обвинители извршија надзор по што од кабинетот на државниот обвинител Љубомир Јовески излегоа со соопштение во наведоа пропусти во постапувањето. Оттаму соопштија дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција постапувало по анонимна кривична пријава против лица од Управата за финансиска полиција и тука го нотираа првиот пропуст – дека тројца обвинителни кои постапувале по предметот не биле надлежни бидејќи во случаите кога станува збор за предмет со лица кои имаат полициски овластувања надлежност има Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Друга забелешка што ја даде Јовески беше, како што забележа и Муареми денеска, тоа што во барањето за претрес до судот е наведено дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.
„Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава. Исто така, укажано е дека од содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело примање награда за противзаконито влијание“,
забележаа од јавното обвинителство за постапувањето на тимот на Русковска.
Обвинителката, пак, во изјава за медиумите го оспори извештајот велејќи дека државниот обвинител нема право да се меша во постапувањето по конкретен премер, а за тоа дали имало основи за издавање наредба за претрес одлучува судот, а не обвинителот.
Покрај претставката по која постапуваше обвинителството на Јовески, од Управата за финансиска полиција поднесоа уште една – до Судскиот совет за судијата на претходна постапка што ја издал наредбата. Во Советот се очекува на некоја од наредните седници да се формира тричлена комисија што ќе подготви записник дали постапката ќе продолжи или не.