Молдавските власти го осудија нападот, а претседателката на земјата, Маја Санду, предупреди дека руските напади сè повеќе претставуваат закана за Молдавија повикувајќи на итни мерки за засилување на противвоздушната одбрана на Украина
Руски беспилотни летала денеска погодиле граничен премин меѓу Украина и Молдавија, при што две лица се убиени, а три се повредени, соопштија украинските власти, пренесе Би-би-си додавајќи дека цел на напади на Москва била и станбена зграда во Киев.

Според украинската државна гранична служба, во рускиот напад врз граничниот премин „Староказаче-Тудора“ во регионот Одеса на 9 септември била оштетена инфраструктурата на контролните пунктови, возила и згради, а поради големиот пожар што го предизвикал ударот 16 лица биле принудени да се евакуираат од областа.
Нападот го осудија и молдавските власти, а претседателката на земјата, Маја Санду, предупреди дека руските напади сè повеќе претставуваат закана за Молдавија повикувајќи на итни мерки за засилување на противвоздушната одбрана на Украина.
„Руската линија на фронтот се движи сè повеќе кон запад – што ја прави воздушната одбрана на Украина итно прашање“,
напиша таа во објава на социјалната платформа Икс.
Санду објави дека по нападот граничниот премин е затворен.
Слична порака во објава на Фејсбук упати и премиерот на Молдавија, Василе Тофан, наведувајќи дека војната на Москва против Украина сè повеќе ги загрозува животите на молдавските граѓани.
Во одделен напад врз украинскиот главен град, руски дрон погоди 24-катна зграда, при што, според информациите на властите во Киев, има најмалку пет повредени лица, а предизвикан е и пожар.

Москва речиси секојдневно извршува напади врз украинските градови и цивилната инфраструктура низ целата земја користејќи борбени беспилотни летала, ракети и наведувани бомби, со што, според извештаите, само ја нагласува својата намера за продолжување на речиси четири и полгодишна војна против Украина и покрај големиот број жртви.
Во меѓувреме и украинските сили продолжуваат со своите напади врз цели на територијата на Русија.
Украина гаѓаше поморска база во руското пристаниште Новоросијск
Украинските власти денеска објавија дека минатата ноќ нивните сили погодиле поморска база во руското црноморско пристаниште Новоросијск.
„Погодена е поморска база, вклучувајќи и терминал што се користи за товарење нафта, воени пристанишни објекти и воени бродови што носат ракети ‘Калибар’“,
изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски додавајќи дека Украина ефикасно реагира на секојдневните напади од страна на Русија.
Руските власти го потврдија украинскиот напад со беспилотни летала врз Новоросијск, а според гувернерот на Краснидарскиот Регион, Венијамин Кондратиев, во него биле убиени четири лица, меѓу кои и едно дете.
Инаку, руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека неговите сили изминатата ноќ собориле 596 украински беспилотни летала, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп имаа телефонски разговор, што Кремљ го опиша како конструктивен и многу искрен.
Нападите се случуваат по посетите на американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер на Киев и на Москва каде што имаа разговори со претседателите на двете земји – мисија што се опишува како нов обид на администрацијата на Трамп за изнаоѓање решение за ставање крај на војната.
