Како што објаснуваат од скопскиот кривичен суд, законот определува дека притворот може да биде продолжуван најмногу една година од оцената на обвинителниот акт, што во случајот со предметот за пожарот во т.н. кабаре во Кочани беше на 3 октомври минатата година
Сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“, во кое во катастрофалниот пожар лани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, следниот месец излегува од притвор, потврдиле за телевизија Телма од Основниот кривичен суд Скопје.

Како што објаснуваат од Судот, последното продолжување на притворот на Дејан Јованов-Деко трае до 3 октомври, по што тој ќе се брани од слобода бидејќи законот определува дека тој може да ја издржува мерката најмногу една година од оцената на обвинителниот акт.
„Ве известуваме дека мерката притвор, определена против обвинетиот Дејан Јованов, од страна на Кривичниот совет е продолжена до 3.10.2026 година. Имајќи предвид дека обвинителниот акт е оценет на 3.10.2025 година и согласно законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот. Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот“,
изјавиле за телевизијата од Основниот кривичен суд Скопје.
Дејан Јованов-Деко, кој е првообвинет во предметот за пожарот во т.н. кабаре, беше приведен веднаш по трагичниот настан на 16 март, а неколку дена подоцна, односно на 23 март, судот на предлог на обвинителството му одреди мерка притвор.
Судскиот процес, во кој покрај него се обвинети уште 33 лица и три фирми, почна на 19 ноември минатата година и сè уште е во тек.
Во предметот обвинет и е Тодор Јованов, брат на првообвинетиот, кому мерката куќен притвор му е укината откако дал гаранција од околу 320 илјади евра во недвижен имот, додека присуството на синот на сопственикот на „Пулс“, кој исто така е меѓу обвинетите, се обезбедува преку мерки на претпазливост.
Инаку, одбраната на Дејан Јованов на неколку од изминатите рочишта бараше да му биде укинат притворот и тој евентуално да биде заменет со куќен. Како причина ја наведуваат неговата влошена здравствена состојба. Сепак, судот не ги прифати ваквите барања, а на нив остро реагираа и родителите на загинатите во „Пулс“, кои велеа дека таквиот потег претставува навреда за нивната болка и понижување на споменот на нивните деца.
Изминатите неколку месеци, како што објави телевизијата, судот на четворица обвинети им ја укинал мерката куќен притвор откако биле прифатени нивните гаранции, а станува збор за Јане Јанчевски, Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев, Стојанчо Димитриев и Беким Хаџиу. Од судот потенцирале дека тие имаат алтернативни мерки и постојано се јавуваат на рочиштата.
