Анализа на „360 степени“: Како експремиерот, пролетта 2016 година, бараше поништување на решението за негово помилување, за потоа да избега од државата и сега да се повикува на аболицијата во Стразбур; Што ќе значи за предметите што произлегоа од прислушувањето евентуална одлука дека еднаш дадена аболиција не може да се поништува?
Поранешниот премиер Никола Груевски ќе може да се врати во земјава, затоа што речиси сите предмети што ги отвори некогашното СЈО ќе паднат во вода во случај Судот во Стразбур да одлучи во полза на на неколкутемина поранешни функционери кои поднесоа тужби за постапките што се водат против нив, главно, во Кривичниот суд во Скопје, повикувајќи се на колективната аболиција што ја прогласи поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Иако веста што ја објави порталот „Вечер“ беше експресно демантирана од домашните надлежни институции, факт е дека неколкумина поранешни функционери од периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ поднеле тужби во Стразбур, надевајќи се дека ќе може да бидат ослободени од кривична одговорност поради тоа што беа помилувани од поранешниот претседател.

Кон средината на април 2016 година тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, штотуку расчинет од премиерската функција, беше меѓу неколкутемина кои поднесоа барање до тогашниот претседател на државата Иванов да го поништи решението за негово помилување откако тој неколку дена претходно прогласи колективна аболиција за над 50 поранешни и актуелни функционери за кои можеше да се претпоставува дека ќе бидат цел на прогон на Специјалното јавно обвинителство. Дури и парламентот, каде што тогаш мнозинството го контролираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, донесе измени во Законот за помилување, со кои се овозможи помилуваните да бараат отповикување на одлуката на претседателот.
Покрај Груевски, барања за поништување на аболицијата поднесоа и водачите на СДСМ, Бранко Црвенковски и Зоран Заев, кои, исто така, фигурираа на списокот за помилување што го објави Иванов, без да наведува конкретни предмети, така што правно-политичкиот преседан што го подготви предизвика кулминација на политичката криза, која почна со објавувањето на аферата „Прислушување“.
Потегот на Иванов, уште истиот ден, предизвика протести, кои почнаа пред неговата канцеларија за средби со граѓани во центарот на Скопје и потоа прераснаа во „Шарена револуција“, која со месеци организираше маршеви низ сите градови во земјата и со боја ги шараше објектите на државните институции, додека СЈО прераснуваше во симбол на борбата против неправда.
Четири години подоцна, главните актери во „приказната“ со колективната аболиција се веќе бивши. Покрај Груевски и повеќето негови најблиски соработници, и Иванов замина од функцијата на 12 мај минатата година, не затоа што неговата одлука во врска со случаите што произлегоа од прислушувањето му ги наруши целосно дигнитетот и кредибилитетот како претседател и доведе до покренување постапка за импичмент за него, туку затоа што му заврши вториот мандат. Веќе не постои ниту СЈО откако неговата шефица Катица Јанева беше разрешена, а потоа и правостепено осудена во случајот „Рекет“, така што предметите од масовното прислушување ги презема редовното обвинителство.
Затоа, пак, масовната аболиција „оживува“ деновиве, откако беше објавена веста, која новиот министер за правда Бојан Маричиќ ја оцени како лажна – дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на Иванов важи и дека со тоа паѓаат во вода сите случаи што ги отвори СЈО, од кои само мал дел се затворени со судски пресуди, а еден дел се сѐ уште во истрага.
Меѓу предметите што се затворени со правосилна пресуда е и оној за набавката на луксузниот „мерцедес“ – „Тенк“, поради кој експремиерот Груевски избега од државата, додека поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од неодамна почна да ја издржува четиригодишната затворска казна.
Сепак, и Груевски, кој прво бараше поништување на аболицијата, а потоа избега од правдата во земјава и Јанкулоска, која замина во затвор, се меѓу осумтемина поранешни функционери кои ја тужат државата во Стразбур повикувајќи се на помилувањето од експретседателот. Како правен застапник на сите е наведен адвокатот Влатко Илиевски, кој е сопруг на Јанкулоска.
Адвокатите и обвинетите, на судските рочиште за предметите што ги отвори СЈО, често ја користеа како аргумент аболицијата што ја добија 54 лица во април 2016, настапувајќи со теза дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.
Кон крајот на мај 2016 година, Иванов, соочен со протестите на „Шарената револуција“, ретерираше и реши да ја повлече аболицијата, наспроти сегашните укажувања на адвокатите на обвинетите и осудени во предметите на СЈО дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.
Пред Иванов да ја донесе одлуката за колективна аболиција, Уставниот суд „го подготви теренот“ укинувајќи измени на Законот за помилување што беа донесени во 2009 година, а според кои шефот на државата не може да дава помилување за одредени кривични дела и без претходна постапка во Министерството за правда.
Кон крајот на минатата година, парламентот го отфрли автентичното толкување кое се однесуваше на веќе непостоечкиот член 11 од Законот за помилување, кој му овозможуваше дискрециско право на претседателот да помилува без претходна постапка во Министерството за правда, како што тоа го направи Иванов. Иако се сметаше дека со тој чин е затворено досието наречено колективна аболиција, тоа повторно се отвора деновиве, така што конечната одлука сега ќе биде на судот во Стразбур.
Подготвија: Александра М. Митевска, Александар Самарџиски