Коментирајќи ги резултатите од првиот круг на локалните избори, Минчев вели дека движењето ЗНАМ го потврдило својот континуиран раст и стабилизација на политичката сцена
Движењето ЗНАМ нема пад во гласовите, напротив – ние ги исполнивме сите свои политички цели, нашиот резултат не е добар, туку одличен, вели генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев во „Тема на денот“ на ТВ Сител. Коментирајќи ги резултатите од првиот круг на локалните избори, Минчев вели дека партијата го потврдила својот континуиран раст и стабилизација на политичката сцена.
Тој нагласи дека ЗНАМ настапи самостојно во 53 општини и освои околу 40.000 гласови и 50 советници, бројка што според него, одговара со резултатот од парламентарните избори.
„Движењето ЗНАМ се стабилизира на политичката сцена. Граѓаните ги поздравија нашите политики и тоа се гледа по бројките – една третина помалку листи, една третина помалку гласови, ист резултат како на парламентарните избори“
посочи Минчев.

Во однос на вториот круг од изборите Минчев очекува масовна поддршка за кандидатите на ЗНАМ за градоначалници во Куманово и Центар.
На новинарско прашање, од кого ја очекуваат поддршката во Центар, каде во првиот круг во водство беше кандидатот на СДСМ Горан Герасимовски пред кандидатот на ЗНАМ Мирослав Лабудовиќ, Минчев вели – од сите гласачи на кандидатите кои отпаднаа и од изборната трка.
„Ние се надеваме на сите гласачи на кандидатите кои беа претставени во првиот круг, сите опозициски, вклучително и на гласачите на СДСМ. Таму навистина има домаќини, членови на СДСМ кои што се заложници и окупирани од една мала група која гледа само за сопствените интереси“,
кажа Минчев.
Во однос на реформската агенда и законите кои треба да се донесат, Минчев посочи дека во завршна фаза е нов закон за употреба на јазиците на етничките заедници, кој во моментот е пред Венецијанската комисија.
До крајот на годината, како што рече , се очекува да биде донесен и закон за висока раководна служба.
