22 ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј, тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука, порача претседателката
Конгресот во Битола од 1908 година означи пресвртница и нова фаза во развојот на албанската нација, преку образование и култура на унифициран албански јазик, 22 ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј, тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на албанската азбука.
„Јазикот е основниот белег на националната посебност. Тој е најсилниот инструмент за градење и изразување на колективната меморија на еден народ, неговото духовно наследство и искуство. Албанскиот јазик, вам Албанците ви овозможи да изразите почит кон претците, но и одговорност кон потомците. Во македонското мултикултурно општество и демократски политички систем, Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција на постоење во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот, културниот, спортскиот, медиумскиот, забавниот и секојдневниот живот“,
порача Сиљановска-Давкова.

Заедничка должност, како што вели Сиљановска-Давкова, е да градиме општество во кое единството нема да ги негира, туку ќе ги респектира различностите, третирајќи ги како трајни општествени вредности.
„Посакувам 22 Ноември да не биде само ден на сеќавање, прослава и гордост, туку и поттик за нови образовни, научни и културни дострели на албански јазик! На сите граѓани Албанци им упатувам искрени честитки по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука“,
додаде претседателката во честитката за Денот на Албанската азбука.
