Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин беше: контролирај, контролирај, но сега ќе биде – верувај и контролирај, кажа Рама на заедничката прес-конференција со Мицкоски
Системот ќе додаде вредност и за туризмот и туристичкиот потенцијал што го имаат двете земји, тука мислам на охридското крајбрежје, Охрид и Струга – порача Мицкоски

Фото: Принтскрин
Побрз проток на патници, поедноставени гранични процедури и поголема меѓусебна доверба – ова се придобивките што треба да ги донесе воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин „Ќафасан“ меѓу Северна Македонија и Албанија, истакнаа премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама на заедничкиот настан што се одржа денеска.
Системот, како што појаснија, значи дека проверките на двете земји ќе се вршат со едно застанување.
Албанскиот премиер Рама, правејќи споредба со досегашниот начин на гранични контроли, рече дека новиот систем треба да донесе поинаков пристап во односите меѓу двете соседни земји.
„Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин беше: контролирај, контролирај, но сега ќе биде – верувај и контролирај. И другиот чекор ќе биде верувај, верувај за да бидеме заедно во наредниот чекор за ЕУ“,
порача Рама.

Тој оцени дека воспоставувањето на системот е уште еден чекор во меѓусебната соработка и приближувањето на двете земји кон Европската Унија. Се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, особено на Коридорот 8, за кој рече дека е значаен не само за европската интеграција и НАТО, туку и за поврзувањето и соработката меѓу двете држави.
Мицкоски, пак, посочи дека низ граничниот премин „Ќафасан“ годишно поминуваат неколку милиони патници, поради што новиот начин на функционирање ќе овозможи побрзо и поедноставно движење меѓу двете земји, но и дополнително ќе ги зајакне врските меѓу граѓаните.
„Системот ќе додаде вредност и за туризмот и туристичкиот потенцијал што го имаат двете земји, тука мислам на охридското крајбрежје, Охрид и Струга, како и останатите општини кои гравитираат, и секако морето во Албанија“,
додаде Мицкоски.

Тој изрази очекување истиот модел на соработка да биде воспоставен и на другите гранични премини со Албанија.
Системот „One stop shop“ на „Ќафасан“ првично беше промовиран во 2023 година. Тогаш двете влади, на Македонија и на Албанија, најавија дека со заедничко управување на граничните и царински контроли, со едно застанување на граничниот премин, ќе се олесни работата на 11 илјади компании ориентирани кон извоз и трговија.
