Според предложеното решение кое е во процедура на донесување во хрватскиот Сабор, угостителот не би смеел да му послужи енергетски пијалак на малолетник, ниту да му дозволи да го пие во локалот

Хрватска, каде што од јуни продавниците не смеат да продаваат енергетски пијалаци на лица помлади од 18 години, подготвува поширока забрана. Министерството за здравство предлага да се забрани и послужувањето вакви пијалаци на малолетници, како и да им се оневозможи да ги консумираат. Со новиот закон би биле опфатени и производи кои по составот или дејството се слични на енергетските пијалаци.
Хрватското Министерство планира со законот да ги уреди и означувањето и рекламирањето на овие производи. Во образложението се повикува на истражување на Хрватскиот завод за јавно здравство, според кое дел од учениците пијат и по 750 милилитри или повеќе, и покрај предупредувањата на амбалажата дека пијалаците со висока содржина на кофеин не се препорачуваат за деца.
Што би значела забраната во практика се гледа и од предлогот на Законот за угостителска дејност, кој стигна до второ читање во Хрватскиот сабор. Според предложеното решение, угостителот не би смеел да му послужи енергетски пијалак на малолетник, ниту да му дозволи да го пие во локалот. За продавниците веќе важи правило според кое продавачот мора да ја одбие продажбата ако процени дека купувачот е помлад од 18 години, а тој не покаже документ со кој ќе докаже дека е полнолетен.
Во Македонија, член 24 од Законот за трговија поставува пониска старосна граница. Трговецот на мало не смее да им продава енергетски пијалаци на деца помлади од 14 години. Продавниците се должни да истакнат известување за забраната на видно место, а продавачот има обврска да ја утврди возраста на купувачот. За алкохол и цигари, истиот член ја поставува границата на 18 години.
