Игор Додик има 37 години и првпат се кандидира на избори во октомври годинава

Претседателот на Република Српска, Саво Миниќ, денеска го предложи Игор Додик за мандатар за состав на новата влада на овој ентитет во Босна и Херцеговина. Игор Додик е син на поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, кој го предводи владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД).
Миниќ ја соопшти одлуката по консултациите со парламентарните партии. За изборот на владата ќе гласа Народното собрание на Република Српска, за што од денеска тече уставниот рок од 40 дена. Миниќ претходно изјави дека очекува Република Српска да добие нова влада до средината на декември. СНСД и уште шест партии го потпишаа коалицискиот договор на 16 ноември во Бања Лука.
Игор Додик има 37 години и првпат се кандидираше на избори во октомври годинава. Како носител на листа на СНСД освои пратенички мандат, а во новиот состав на Народното собрание стана координатор на пратеничката група на партијата. Партиска функција има од февруари 2024 година, кога беше именуван за организациски секретар на СНСД, а потоа го предводеше и изборниот штаб. Во спортската јавност е познат како генерален менаџер на кошаркарскиот клуб „Игокеа“ и поранешен директор на регионалната АБА-лига.
Во интервју за „Кликс“ во септември, на прашањето дали би ја имал истата позиција во партијата ако носел друго презиме, Игор Додик рече дека презимето му донело препознатливост и ран пристап до политичките разговори. „Ако сакав да го злоупотребам презимето, ќе го искористев како скратен пат до некоја позиција во извршната власт“, рече тогаш Додик, објаснувајќи ја одлуката да се кандидира за пратеник.
Во октомври 2023 година, САД воведоа санкции против Игор Додик и неговата сестра Горица. Американското Министерство за финансии тогаш ги посочи како дел од мрежа која, според неговата оценка, му овозможувала на нивниот татко да пренасочува јавни средства во корист на семејството. На 29 октомври 2025 година Вашингтон ги укина санкциите против Милорад Додик, членови на неговото семејство и повеќе нивни соработници.
