Експремиерот Никола Груевски не смее да биде обвинет во предметот познат како „Шамарите во Центар“ затоа што доби помилување од експретседателот Ѓорге Иванов.
Ова го кажа адвокатот на Груевски, кој му е доделен по службена должност, во завршните зборови во судскиот предмет кој се однесува на насилните протести организирани пред Општина Центар во јуни 2013 година.
„Точно е дека беше изменет законот и помилувањето беше отповикано. Но, тоа постоело во моментот на покревање на обвинението и не смее да се повлече“,
рече адвокатот Петар Димовски.
Тој тврди дека во овој предмет единствено што се слушнало за експремиерот е како тој во „бомбите“ вели тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, да „изеде 5-6 јаки шамари“, такви разговори, вели адвокатот, може да се слушнат во секојдневието, а факт е дека од доказите не се видело оти тие шлаканици биле удрени.
Бранителот на експремиерот во завршните зборови порача и дека тоа што во овој предмет имало признание на вина не треба да се смета за доказ дека и останатите обвинети се виновни.
Завршни зборови денеска даде уште еден адвокат, кој е бранител на еден од обвинетите учесници на протестите.
Второобвинетиот Миле Јанакиески и неговите бранители, како и одбраната на четворица учесници во протестите, тоа ќе го направат в понеделник (28 септември).
Обвинителката Фатиме Фетаи, пак, прва ги кажа завршните зборови и побара максимални казни за Груевски и Јанакиески. Претходно, таа го повлече обвинението против Даниела Рангелова, која беше советничка во Општина Центар во 2013 година, и уште двајца обвинети учесници во протестите.