Како една од причините за ова, Фетаи наведе дека токму неказнивоста за овој настан имплицираше потешки насилства, како што се настаните од 27 април 2017 во Собранието, каде што првите двајца обвинети во овој случај се обвинети и таму
Максимални казни затвор за Никола Груевски и Миле Јанакиески, како поттикнувачите на насилните протести во Општина Центар летото во 2013 година, побара обвинителката Фатиме Фетаи во своите завршни зборови во предметот познат како „Шамарите во Центар“.
„За поттикнувачите немам сомнеж дека треба да биде изречена максимална казна, затоа што предизвикаа такво насилство кое нанесе срам за државата, имаше реакции од амбасади, од меѓународни организации. Неказнивоста за овој настан имплицираше потешки насилства, како што се настаните од 27 април во 2017 година во Собранието, каде што првите двајца обвинети во овој случај се обвинети и таму“,
рече Фетаи.
Таа ги даде завршните зборови откако претходно реши да го повлече обвинението во овој предмет против Даниела Рангелова и двајца учесници во протестите пред Општина Центар.
Со Груевски и Јанакиески, во случајот останаа обвинети уште пет директни учесници. Фетаи за четворица од нив побара затворска казна, додека за еден условна.
„Бидејќи дејствијата немаат таков насилнички интензитет, предлагам на Игор Бошковски да му се изрече алтернативна мерка условна осуда“,
рече Фетаи.
Во завршите зборови обвинителката се осврна на доказите и на сведочењата кои беа презентирани во доказната постапка. Потсети на „бомбите“ што беа презентирани, а во кои се слуша како Груевски и Јанакиески разговараат за организирање протести. Во нив можеше да се слушне, како што ја нарече Фетаи, антологиската изјава на експремиерот за „загрижен граѓанин да му врзе шлаканици“ на тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски.
Двајцата тогашни високи функционери во разговорите планираат, како што велат, да се скрши седницата на Советот во Општина Центар за да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“.
„Не само што ја скршија седницата, ги скршија и оградата и бараката. Единствено што не се случило е што не се удриле шамарите од некој ’загрижен‘ граѓанин’“,
рече Фетаи додавајќи дека не дошло до тоа бидејќи не се создале услови да се реализира тој дел од планот.
Тоа што се случуваше на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година пред просториите на Општина Центар, според обвинителката, всушност, ја потврдува и автентичноста на разговорите од прислушувањето.
Според обвинителството, протестите ги организирал врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта не била да се спречи рушење на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“ како што се прикажуваше, туку да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“.
„Од изведените докази, јасно е дека со поништување на дуповите вклучително и на ‘Мал ринг’ немало да дојде до рушење на црквата. Сведоците посочија дека поништување дупови нема никаков ефект врз започнати градби, а црквата тогаш била во завршна фаза што значи ќе била впишана во дупот“,
рече Фетаи.
Обвинителката забележа дека мотивот бил очигледно покажување сила, а забележа и на тоа што одбраната прави паралела на овие со протестите на „Шарената револуција“.
„Јасно ќе ја видите разликата помеѓу ‘Шарената револуција’ и овие протести. Тоа е нешто што одбраната го експлоатираше за да покаже како има различни аршини во постапувањето на судовите. Основната разлика помеѓу протестите е насилството. Но, и тоа што тогаш на учесниците во ‘Шарената револуција’ единствен начин за борба им беше улицата, а на организаторите на протестите во Центар им стоеја на располагање сите институции на системот“,
зборуваше Фетаи во завршните зборови.
За петтемина учесници во протестите, кои останаа обвинети со Груевски и Јанакиески, таа во завршите зборови ги анализираше снимките од МВР и од медиумите од кои ги посочуваше деловите каде што се гледаат нивните дејствија.
Завршни зборови денеска даде и адвокатот на Никола Груевски, кој му е доделен по службена должност, како и адвокатот на еден од обвинетите учесници во протестите. В понеделник (28 септември) со завршни зборови треба да настапат Миле Јанакиески, неговите адвокати и одбраната на уште четворица обвинети.
Во овој случај веќе има три пресуди: Осудени се Мирко Пецев, кому му се судеше во одвоена постапка, како и двајца други обвинети кои признаа вина на почетокот на судскиот процес и добија условни казни. За еден обвинет, пак, беше одредена мерка за психијатриско лекување.
Овој случај е еден од првите два за кои своевремено СЈО покрена обвинение. Заедно со обвинението за случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништување на документација во поранешната УБК, СЈО на 15 септември 2016 година до Кривичниот суд во Скопје го поднесе обвинителниот предлог и за насилството.