Мило ми е што излезе вака, ќе им порачам само на оние сведоци што јавно сведочеа против мене, нека им служи на чест, рече поранешната пратеничка и поранешна советничка во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, откако обвинителката Фатиме Фетаи го повлече обвинението против неа и уште двајца обвинети во случајот „Шамарите во Центар“.
Рангелова упати повеќе пораки до нејзините сопартијци и до актуелното раководство на партијата.
„Сега ми е полесно, бидејќи сега можам полесно да возвратам на сите што ќе ме нападнат. Да не бев во овој обвинителен акт, ќе можев многу послободно да дејствувам изминатиот период, бидејќи бев обвинувана дека ќе се пазарам. Сега си ја докажав правдата и можам слободно вербално да се пресметам со тие што ме обвинуваа“,
рече Рангелова.
Таа дури го предизвика на дуел и партискиот лидер Христијан Мицкоски, иако, како што вели, можеби нема да му биде достоинствено да се соочува со некој бивш партиски функционер како што е таа.
„Жал ми е што требаше четири години да се докажуваме, но со овие аргументи сега се покажува токму спротивното што го тврдеа Мицкоски и ‘компанијата’ и сега можеме лично да се пресметаме на еден дуел, доколку цени дека треба да излезе со мене… Можеби не се чувствува за достоинствено дека треба да излегува со некој бивш функционер од партијата, но со оглед на моето партиско искуство би сакала очи в очи да се пресметаме, кој одработува за оваа власт, дали ние или тој“,
рече Рангелова.