Според досегашните направени епидемиолошки анкети, Кочински вели дека заедничко е што сите користеле храна и во домашни услови и во ресторани, сите користеле вода за пиење, а некои пиеле и флаширана вода. Ова, како што вели, не дава некои индиции во коишто може да се направи просторно поврзување на случаите и ќе треба да се почекаат резултатите од микробиолошката анализа и кај пациентите од коишто се веќе земени мостри и од резултатите што ќе бидат од водата за пиење

Населението од Гостивар да соработува со луѓето што има се јавуваат за епидемиолошко анкетирање и да ги слушаат препораките на здравствените работници во однос на давањето мостри, односно примероци за анализа за микробиолошко испитување, апелираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Доктор Драган Кочински, раководител на одделот за Епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ вели дека бројот на направени епидемиолошки анкети не е фактор во однос на пријавувањето на епидемија туку оти се важни податоците што ќе се дадат за време на епидемиолошкото анкетирање.
„Досега се направени околу 60-тина анкети. Во текот на вчерашниот ден, Центарот за јавно здравје побара помош, од наша страна, ние, еве, денес сме на работа и излеговме во пресрет и веќе се направени голем дел анкети. Морам да потенцирам дека дел од населението одбива комуникација и затоа би било добро, за да ги добиеме сите релевантни податоци и да направиме некаква анализа на ситуацијата, да учествуваат и да дадат соодветни податоци“,
вели Кочински.
Според досегашните направени епидемиолошки анкети, Кочински вели дека заедничко е што сите користеле храна и во домашни услови и во ресторани, сите користеле вода за пиење, а некои користеле и флаширана вода.
„Значи, не ни даваат некои индиции во коишто можеме да направиме просторно поврзување на случаите. Тоа треба дополнително да се анализира и да ги почекаме, секако, резултатите од микробиолошката анализа и кај пациентите од коишто се веќе земени 12 мостри досега и од резултатите што ќе бидат од водата за пиење“,
вели Кочински.
Тој додава дека на неделно ниво прагот е веќе надминат.
„Проблемот со бројот на заразени е во текот на оваа недела. Она што е важно кога зборуваме за пријавување на епидемија, согласно и дефиницијата што е и во законот, дека е тоа едно невообичаено зголемување и во споредба со истиот период од претходните години. Она што морам да кажам е дека треба да се земе во предвид дека за да се пријави епидемија, треба да има и официјални пријави за заразна болест доставени до епидемиолошката служба“,
додава тој.
Нагласи дека до овој период има 140 пријави и оти колешката од Гостивар што ја следи ситуацијата цело време во овие моменти, кога се исполнуваат веќе условите за пријавување на епидемија, соодветно ќе реагира.
„Ќе потенцирам дека пријавувањето на епидемија само ги подобрува можностите за подобра координација и комуникација, а мерките си се спроведуваа на терен и претходно“,
кажа тој.
Тој одговори дека резултатите од водата за пиење во текот на утрешниот ден ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, бидејќи на барање од оваа институција тимот бил на терен.
Прашан дали имало проблем при земање мостри на терен, докторот рече дека не може да коментира, бидејќи самиот не бил на терен за земање мостри од водата за пиење.
Инаку, надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар.
Според најновите податоци, во периодот од вчера до денеска до 8 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани вкупно 204 прегледи на Инфективното одделение, од кои три лица се хоспитализирани. На Педијатриското одделение се извршени 140 прегледи, од кои 105 се нови случаи, а 35 се контролни прегледи. Во Ургентниот центар помош побарале деветмина граѓани. Од Министерството за здравтсво уверуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна и бројот на хоспитализирани лица останува низок.
Основното јавно обвинителство Гостивар очекува резултати од испитувањата на примероците од водата од гостиварскиот водовод, по што ќе биде одлучено како ќе продолжи постапката за случајот со сомневањата за нејзиниот квалитет. Од Обвинителството информираат дека се во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на примероците од водата.
Од ИЈЗ денеска излегоа со апел дека водата од гостиварскиот водовод не треба да се користи за пиење и готвење ниту по превривање. Ова е препораката од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако претходно Агенцијата за храна издаде забрана за употреба на водата за пиење.
Поврзани вести:
- Микробиологот Пановски за состојбата во Гостивар – треба да се прогласи епидемија
- Стручни лица и викендов се на работа, во Институтот за јавно здравје се анализираат примероци од водата во Гостивар
- Мицкоски за случајот во Гостивар: Шокантно е ова што е направено, одговорност мора да има
- Клековски: За 24 часа во гостиварската болница се примени 260 лица со стомачни проблеми, се испитуваат причините
- Во моментов нема докази дека стомачните тегоби кај гостиварци се предизвикани од водата од градскиот водовод – вели градоначалникот Лимани
- (ВИДЕО) 360° меѓу пациентите во гостиварската болница: Ова трае 3-4 дена, симптомите се тешки
- АХВ ја забрани водата за пиење во Гостивар, откриена е дива пумпа која од Вардар внесувала вода во системот
- СВР Тетово: Гостиварски „Водовод“ и Општината поставиле три пумпи во отпадни води за да го зголемат притисокот во мрежата
- Директорката на гостиварски „Комуналец“ контра МВР – спорните пумпи работеле кратко и тоа на 25 јуни
- Епидемија во Гостивар: Над 1 000 пациенти побарале медицинска помош со слични симптоми
