Од СВР Тетово велат дека во моментов се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот поради сомнение за сторено кривично дело загадување на вода за пиење, кое се санкционира според член 219 од Кривичниот законик (КЗ)
Во врска со загадувањето на водата во Гостивар, од Секторот за внатрешни Тетово денеска соопштија дека постојат основи на сомневање дека активности на Јавното претпријатие „Водовод“ и на Општина Гостивар довеле до загрозување на здравјето на граѓаните на градот.

Според СВР Тетово, постојат сомневањата дека Јавното претпријатие „Водовод“ во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се внесувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот со вода за пиење.
„Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на пивка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар“,
се вели во соопштението од Секторот за внатрешни работи.
Оттаму споделија и фотографиите од поставените пумпи.
Постапувајќи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, вчера околу 18:20 часот, инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, презеле итни мерки и активности во селото Вруток, поради сомневања за загадување на водата со која се снабдува градот.
Од СВР Тетово велат дека во моментов се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот поради сомнение за сторено кривично дело загадување на вода за пиење, кое е санкционирано според член 219 од Кривичниот законик (КЗ).
Во расчистувањето на случајот, се додава во соопштението, покрај полицијата и обвинителството, се вклучени и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, а ангажиран е и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна проценка на незаконски поставениот систем.
Како што веќе објавивме, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е сериозно загадена и небезбедна за здравјето на граѓаните.
Претходно денеска беше соопштено дека инспекторите на АХВ, во координација со ОЈО Гостивар, Министерството за животна средина и крим-техника на МВР, откриле упад во водоснабдителниот систем, односно дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, целосно нелегално и без никакво одобрение, била поставена пумпа што директно внесувала вода од реката Вардар.
Забраната за користење на водата во гостиварскиот водовод ќе биде забранета за пиење додека не се добијат официјални резултати од испитувањата.
Стручни лица од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе зеле мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност.
Вонредните контроли и испитувања на водата за пиење треба да потврдат и дали нејзината (не)исправност е поврзана со зголемениот број пациенти што се пожалиле на дигестивни проблеми. Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура. Според првичните наоди и клиничка слика, најверојатно се работи за сезонски вирози и дека нема епидемиолошка поврзаност.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска потврди дека гостиварското Обвинителството презема истражни дејствија за случајот со можната неисправност на водата за пиење во градскиот водовод , за да се утврди дали има поврзаност со зголемениот број пациенти со дигестивни проблеми.
