Околу 200 пожарникари и припадници на итните служби интервенираат во историскиот објект на Баварските Алпи. Нема повредени, а се истражува дали приведениот е поврзан со пожарот
Голем пожар го зафати „Орлово гнездо“, планински објект во јужна Германија што го користеле Адолф Хитлер и други нацистички функционери. Германската полиција приведе едно лице и ја испитува неговата можна поврзаност со пожарот.
Противпожарниот аларм се активирал во петокот околу 21:50 часот. Пожарникарите ја затекнале зградата целосно во пламен, а според снимките од метеоролошка камера, огнот бил активен и рано утрово.
Во интервенцијата учествувале околу 200 пожарникари и припадници на итните служби. Гаснењето е отежнато поради местоположбата на објектот, на надморска височина од 1 834 метри. Полицијата го блокирала пристапниот пат.

Во зградата немало луѓе и нема повредени. Засега не е соопштен можен мотив, а криминалистичката истрага продолжува.
Објектот, познат како „Келштајнхаус“, е изграден во 1938 година за прием на нацистички функционери и гости. Тој е одвоен од блиската Хитлерова резиденција „Бергхоф“. Ја преживеал Втората светска војна неоштетен, а денес е во сопственост на Баварија. Од 1952 година во него работи ресторан.
