Во меѓувреме, локацијата во Вруток и понатаму останува обезбедена по наредба на јавен обвинител, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија
Препорака од ИЈЗ – водата да не користи ниту за подготовка на храна, миење овошје и зеленчук, подготовка на сокови, кафе, чај и други пијалаци
Основното јавно обвинителство Гостивар очекува резултати од испитувањата на примероците од водата од гостиварскиот водовод, по што ќе биде одлучено како ќе продолжи постапката за случајот со сомневањата за нејзиниот квалитет. Од Обвинителството информираат дека се во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на примероците од водата.
„Според најавите, резултатите треба да бидат доставени до надлежното обвинителство утре, по што ќе биде донесена одлука за понатамошното постапување. За исходот и натамошните чекори, јавноста ќе биде дополнително известена“, наведуваат од Обвинителството. Во меѓувреме, локацијата во Вруток и понатаму останува обезбедена по наредба на јавен обвинител, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Резултатите од анализите треба да помогнат во утврдувањето на состојбата со водата и да покажат дали постојат основи за преземање дополнителни мерки во рамки на истрагата.
Препорака од ИЈЗ – Водата да не користи ниту за подготовка на храна, миење овошје и зеленчук, подготовка на сокови, кафе, чај и други пијалаци
Во исто време, до официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод во Гостивар не треба да се користи за пиење и готвење ниту по превривање. Ова е препораката од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако претходно Агенцијата за храна издаде забрана за употреба на водата за пиење.
„Со навремено почитување на препораките значително се намалува ризикот од појава и ширење на заболувања што се пренесуваат преку вода. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на доенчињата, малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со хронични заболувања, кои имаат поголем ризик од потешки последици при појава на цревни инфекции“, нагласија од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања.
За пиење и подготовка на храна водата од градскиот водовод не смее да се користи ни откако ќе ја превриете.
„Ако имате пристап до флаширана вода, набавете ја за овој период. Потребни се најмалку четири литри вода по лице на ден. За пиење користете фабрички пакувана вода – флаширана вода. Не користете вода од водоводот за подготовка на храна, миење овошје и зеленчук што се консумираат свежи, подготовка на мраз, подготовка на сокови, кафе, чај и други пијалаци. Не користете вода од водоводот за подготовка на храна за доенчиња“, се додава во соопштението.
Се советува рацете да се мијат често со сапун и безбедна вода – флаширана, особено пред подготовка и консумирање храна, по користење на тоалет, по менување пелени, по контакт со заболено лице. Доколку нема безбедна вода, добра опција е да се користи средство за дезинфекција.
„За миење заби користете исклучиво безбедна вода – флаширана. За туширање и капење да се користи безбедна вода – флаширана или превириена вода, но, да се внимава водата да не се голта. Доколку нема безбедна вода, користете влажни марамчиња или крпи за еднократна употреба за периодот додека водата е забранета за употреба“, се додава во соопштението.
При подготовка на храна, од Институтот советуваат таа добро термички да се обработува.
„Избегнувајте подготовка на храна што не се готви доколку не може да се користи безбедна вода. Користете еднократни чинии и прибор за јадење за да избегнете миење“, поучува ИЈЗ.
Ресторани, кафулиња и угостителски објекти исто така да не користат вода од водоводот. Во градинките препораките се децата да пијат исклучиво безбедна вода – флаширана, да не се користат чешмите за полнење шишиња, храната да се подготвува само со безбедна – флаширана вода.
„Веднаш обратете се кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа доколку се појават дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура, слабост, знаци на дехидратација – силна жед, сува уста, намалено мокрење, омалаксаност. Особено внимание е потребно кај доенчиња и мали деца, бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања и ослабен имунитет“, апелираат од Институтот.
Во соопштението се истакнува дека небезбедната вода може да биде извор на бактериски, вирусни и паразитарни инфекции што предизвикуваат гастроентеритиси.
„За намалување на ризикот, користете само безбедна вода за пиење и подготовка на храна. Редовно мијте ги рацете. Одделувајте сирова од готова храна. Храната чувајте ја на соодветна температура. Одржувајте добра хигиена во кујната. Не споделувајте чаши и прибор за јадење со лица кои имаат симптоми на стомачна инфекција“, советуваат здравствените експерти..
Се алармира и граѓаните редовно да ги следат известувањата на надлежните институции – Институт за јавно здравје, Центар за јавно здравје, Министерство за здравство, Агенција за храна и ветеринарство.
„Водата од градскиот водовод повторно може да се користи за пиење само по официјално известување дека забраната е укината и дека водата е безбедна за употреба“, соопшти ИЈЗ.
