Артана Асана за „360 степени“ вели дека пумпите за кои МВР тврди дека „Комуналец“ незаконски ги поставил во корито за истечни отпадни води, а кои потоа навлегле во гостиварскиот водоснабдителен систем, биле само за симулација и работеле неколку часа. Таа вода веднаш била испуштена во Вардар
Има и лица кои пиеле само флаширана вода, а имаат симптоми, кажа Артана Асани претходно во денот во изјава за „Телма“. Додаде и дека причина за заболувањата се храната и високите температури
Во соопштение до јавноста, гостиварското јавно претпријатите „Комуналец“ тврди и дека последните микробиолошки анализи на водата направени од примероците земени од Обвинителството и Институтот за јавно здравје покажале дека таа е исправна за пиење
Директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, доцна попладнево презентираше различна верзија на настаните од онаа што ја соопшти Министерството за внатрешни работи како причина за епедимијата која веќе погоди околу 1 200 жители во Гостивар.
За разлика од полицијата, чија теорија е дека „Комуналец“ незаконски поставиле пумпи во корито за истечни отпадни води кои потоа навлегле во гостиварскиот водовод, од јавното претпријатие го тврдат спротивното.

„Пумпите се ставени на 25.06.2026 само за симулација, користени се само крако време во раните утрински часови за да се провери дали проектот ќе биде функционален и истите се исклучени, таа вода во првиот испуст во с.Равен е испуштена во реката Вардар. На 26.06.2026 направени се анализи и истите се исправни“,
вели директорката Асани.
Како доказ за ваквото тврдење, Асани ни испрати и фотографија од микробиолошката анализа на примероци од водата земени по симулацијата. Резултатот, пишува на документот, е од 29 јуни 2026 година.

Оваа изјава на директорката ја добивме откако „Комуналец“ од Гостивар испрати соопштение до јавноста во кое ги нарече „неосновани“ информациите дека епидемијата во Гостивар е предизвикана од водата.
„Синоќа, Обвинителството, во соработка со Институтот за јавно здравје и претставниците на ЈП ‘Комуналец’, зеде дополнителни примероци, кои при првичните микробиолошки анализи ги исполнуваат вредностите и параметрите за безбедна вода за пиење. Како превентивна мерка поради динамиката на работните активности, останува во сила официјалната препорака објавена на 24.06.2026 година – водата да не се користи за пиење, сè до добивањето на конечните лабораториски резултати“,
соопштија од гостиварски „Комуналец“.
Во изјава за ТВ Телма, директорката Асани сподели и дека, според неа, епедемијата е предизвикана не од водата, туку од храната и од топлото време. Еден од аргументите за таквото тврдење е и дека има граѓани кои пиеле само флаширана вода, а сепак имаат симптоми како и сите останати.
Според гостиварската болница, во последниве денови, со слични симтоми се јавиле меѓу 1 000 и 1 200 граѓани. Се жалат на повраќање, дијареа, телесна слабост и покачена телесна температура. „360 степени“ разговараше со пациенти кои ги затекнавме во болницата. Тврдат дека најмногу се разболуваат најмладите.
