Поради енормниот прилив на пациенти во краток временски период, состојбата официјално се третира како активен епидемиски настан. Од министерството за здравство уверуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна и бројот на хоспитализирани лица останува низок.
Надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар, соопштија од Министерството за здравство. Поради енормниот прилив на пациенти во краток временски период, состојбата официјално се третира како активен епидемиски настан, а Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово денеска ќе донесе соодветна одлука за прогласување епидемија на ова подрачје, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.
Според најновите официјални податоци, во периодот од 18 јули до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани вкупно 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани. На Педијатриското одделение се извршени 140 прегледи, од кои 105 се нови случаи, а 35 се контролни прегледи, додека во Ургентниот центар помош побарале деветмина граѓани. Од министерството уверуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна и бројот на хоспитализирани лица останува низок.
На терен веќе се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности. Подрачната единица на ЦЈЗ Гостивар врши увиди и епидемиолошки анкети, а досега се обработуваат околу 140 формални пријави за заразна болест. Во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка е вклучен и Институтот за јавно здравје, чии тимови вршат микробиолошко испитување на земените примероци од пациентите, но и детални испитувања на примероци од водата за да се проценат можните извори на зараза.
Паралелно се спроведува засилен надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови, во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Министерството за здравство апелира до граѓаните строго да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете и навремено да побараат медицинска помош доколку почуствуваат повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација.
