„Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП ‘Комуналец’ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции“, вели градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани

Градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани вели дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека стомачни тегоби пријавени од граѓани на Гостивар се предизвикани од водата од градскиот водовод.
Лимани во објава на Фејсбук напиша дека причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи.
„Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП ‘Комуналец’ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции. Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи. Општината е во постојан контакт со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката. Веднаш штом бидат достапни официјалните резултати, тие ќе бидат јавно објавени, целосно и транспарентно“,
вели Лимани.
Градоначалникот вели дека, според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажуваат дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности.
„По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Апелирам оваа мерка целосно да се почитува. Таа е превентивна и е донесена заради заштита на здравјето на граѓаните“,
напиша тој.
Лимани ги повика граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори.
„Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации. Здравјето на граѓаните е најважно и секоја одлука ќе се носи исклучиво во согласност со официјалните стручни наоди“,
вели тој.
Повеќе од 1 000 пациенти во изминативе 3-4 дена побарале медицинска помош во болницата во Гостивар. Оттаму велат дека поголемиот број од пациентите се со исти симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура, омалаксаност итн. Најголем дел од нив се на Инфектологија, на Детското одделение и во Ургентната единица.
Истовремено, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е сериозно загадена и небезбедна за здравјето на граѓаните.
Од Секторот за внатрешни – Тетово денеска соопштија дека постојат основи на сомневање дека активности на Јавното претпријатие „Комуналец“ и на Општина Гостивар довеле до загрозување на здравјето на граѓаните на градот. За да го зајакнат притисокот во градската водоводна мрежа, незаконски поставиле пумпи во корито на истечни отпадни води кои потоа навлегле во системот кој го напојува градот.
За разлика од полицијата, од јавното претпријатие го тврдат спротивното.
„Пумпите се ставени на 25.06.2026 само за симулација, користени се само крако време во раните утрински часови за да се провери дали проектот ќе биде функционален и истите се исклучени, таа вода во првиот испуст во с.Равен е испуштена во реката Вардар. На 26.06.2026 направени се анализи и истите се исправни“,
вели директорката Артана Асани.
Екипа на „360 степени“ попладнево беше во гостиварската болница каде забележа зголемена раздвиженост. Само денеска на Инфективното одделение помош побарале околу 80 лица.
